Полицаец од Прилеп ќе одговара кривично за оддавање службена тајна – споделил искази со адвокат на осомничено лице
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Б.Т., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оддавање службена тајна“.
Како што се наведува во полицискиот билтен, пријавениот Б.Т., полициски службеник во Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп, на 16.05.2025, при извршување службени задачи и преземање полициски овластувања во врска со пријавено кривично дело се стекнал со податоци кои претставуваат службена тајна во предистражна постапка.
Три дена подоцна, при приватна комуникација преку мобилна апликација, добиените податоци ги споделил на бранител на осомничен во постапката, а се однесувале на дадени искази на лица лишени од слобода на кои им била определена мерка притвор, како и податоци во врска со издадени наредби за приведување на лице.