Пол Макартни открива: Џон Ленон ги растури „Битлси“

Рок историјата го оцени Пол Макартни како човекот што е виновен за распадот на групата. Тој сега открива дека Ленон сакал прв да си замине
Останува најанализираниот распад во историјата на рокот: оној што го постави образецот. Кога „Битлси“ се разделија пред повеќе од 50 години и Пол Макартни, Џон Ленон, Џорџ Харисон и Ринго Стар тргнаа по својот пат, токму Макартни беше тој што ја презеде најголемата вина.
Но, сега Макартни го менува досието. „Јас не ја поттикнав разделбата. Тоа беше нашиот Џони “, инсистираше тој во искрено и детално интервју што ќе се емитува подоцна овој месец.
Потсетувајќи на она што го гледа како „најтешкиот период во мојот живот“, Макартни, кој го слави својот 80-ти роденден следното лето, открива дека тој сакал групата да продолжи, особено затоа што по само осум години заедно, тие сѐ уште создаваа „прилично добри работи“. „Abbey Road, Let It Be, не е лошо“, ќе се расправа тој во претстојната епизода од новата серија интервјуа на Би-Би-Си Радио 4 „Овој културен живот“. „Тоа беше мојот бенд, тоа беше мојата работа, ова беше мојот живот, затоа сакав да продолжи“.
Ако Ленон не се откажеше, музичкото патување на бендот можеби ќе беше многу подолго, се согласува Макартни. „Можеше да биде. Поентата на тоа навистина беше дека Џон прави нов живот со Јоко. Џон отсекогаш сакал да се отцепи од општеството затоа што, знаете, бил воспитан од неговата тетка Мими, која била доста репресивна, така што тој секогаш гледал да се опушти“.
Легендата вели дека Макартни еднострано го растурил бендот во 1970 година кога одговори на новинарско прашање со тврдење дека „Битлси“ веќе не постојат. Тој, исто така, беше обвинет за расипување на динамиката на групата, барајќи од адвокатите да ги решат споровите. Тоа е товар со кој се бореше оттогаш. „Морав да живеам со тоа, бидејќи тоа го гледаа луѓето. Сѐ што можев да направам е да кажам, не“, признава тој.
Макартни му вели на интервјуерот Џон Вилсон дека Ленон ја опишал неговата одлука да замине како „прилично возбудлива“ и „како развод“. Останатите членови, додава тој, „останаа да ги соберат парчињата“.
Конфузијата за тоа кој го предизвика раскинувањето настана бидејќи новиот менаџер на групата, Ален Клајн, им рече да молчат за разделбата додека склучува некои деловни зделки. „Така, неколку месеци моравме да се преправаме“, му вели Макартни на Вилсон. „Беше чудно затоа што сите знаевме дека е крајот на ‘Битлси’, но не можевме да си заминеме“. На крајот, Макартни не беше задоволен од подметнувањето и „ја пушти мачката од торбата“ затоа што „ми беше здодеано да ја кријам“.
Сеќавајќи се на непријатната атмосфера во тоа време и „несигурното“ влијание на Клајн, Макартни вели: „Тогаш имавме мали состаноци и беше ужасно. Беше спротивно од она што бевме. Бевме музичари кои не запознавме луѓе“, рече тој. Според него, разделбата станала неизбежна, бидејќи Џон „сакаше да оди во вреќа и да лежи во кревет една недела во Амстердам за мир. И ти не можеше да се расправаш со тоа“. Сепак, тој не смета дека Јоко е одговорна, додава тој. „Тие беа одличен пар. Имаше огромна сила таму“. (Обсервер)