Поелитно, со наградувани вина и дипломати: Зошто за Лепово се бара покана повеќе?
Префинетите вина, наградувани во светот, блеснуваат во чашата на винскиот вљубеник и го покажуваат сиот свој раскош на поседот Лепово, кој го поистоветуваат со бисер на вардарската долина

Ова е префинета винска приказна која звучи на француски „Домен Лепово“ – како од мал посед се стигнува до вински ремек дела, наградувани низ светот, и гордост на Македонија, со мирис на македонските лозја, почва, сонце, ветер и дожд, вкус, знаење и технологија. Каде ветерот дува без пардон и ги мрси исфенираните фризури на поканетите гостинки, каде е доволно студено да бидете господин, каде се кршат чаши од суровата клима, ама виното, освежително, или силно, го вади на виделина скриеното „вие“ , денот ви изгледа сончев, а друштвото погодено.

Трезни или мамурни, замрзнати или стоплени од алкохолот, виното во еден момент во животот ви ја открива вистината- и за пријателите и за партнерот. Некогаш на време, а некогаш предоцна. Кој да знае, таков е животот, некогаш жолт, некогаш сив, како пееше Бајага. Ама како и да е, и виното и љубовта, со здравствените бенефити, ве опиваат или ви го продолжуваат животот. Ако претерате, може и да ви го скратат!
Зошто, ако низ виното се (рас) кажани толку многу животни и љубовни приказни, толку многи идеи родени , солзи исплачени, песни препеани, некако убаво е да уживате во негово друштво и на 14 февруари, во чест на Денот на лозарите и винарите, токму на традиционалното закројување во бутик винарницата на ВВ„Тиквеш“ ?
