Подметнат е пожарот кај Блаце – најдени палети намачкани со бензин (видео)


Постојат индиции дека пожарот кој што во неделата изби покрај магистралниот пат Скопје-Блаце да е подметнат. Ова денеска го изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов. Според него, биле пронајдени дрвени палети.

Првиот човек на ДЗС истакна дека на местото на избувнувањето на пожарот, видел како линијата на оган е многу широка како пожар кој би се појавил од фрлен отпушок од цигара.

-Пожарникарите при гаснење пронајдоа палети претходно најверојатно намачкани и полиени со бензин и фрлени во смреки. Некој утрово се обидуваше да го реактивира пожарот во Блаце кој е под контрола, рече Ангелов во видео-обраќање и апелираше секој кој ќе види невообичаено однесување од други лица, кои носат или во рацете држат палети, веднаш да бидат пријавени на бројот 112.

Директорот на ДЗС демантираше дека во текот на вчерашниот ден, некои манастири или цркви биле во опасност од пожарот. Исто така, информира Ангелов, не е точна веста дека изгореле куќи во Чучер Сандево.