Поддршката за земјоделството реална, предизвик климатските промени, откупните цени, инфраструктурата…


Климатските промени, нереалните откупни цени, инфраструктурата и натаму се клучните предизвици што ги наведуваат земјоделците. Поддршката, како што велат е реална, преку многу проекти, субвенции, програмите од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој (ИПАРД), мерката „Рурална жена“, но препреките со кои се соочуваат се доволно големи за да ја поттиснат заинтересираноста за оваа гранка.

Младата претприемачка Јоана Манојловска за МИА вели дека земјоделството е исплатливо, но оти најтешки се загубите предизвикани од општествено-економските услови и климатските промени.

-Доколку еден млад претприемач знае да ги искористи ресурсите што се околу него, успехот е неминовен. Меѓутоа, најтешко е кога се соочуваме со загуби од која било причина, а за жал тие се доста чести во нашата држава, изјави Манојловска.

Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска се согласува дека секој што ќе се одлучи да започне сопствен бизнис има поволни услови на располагање, но како што наведува, ќе се соочи со климатските промени и нереални откупни цени што ги нудат откупувачите.

-Кога ние почнувавме да работиме земјоделството беше навистина многу тешко, но беше исплатливо, тој период немаше државна земја, немаше субвенции, немаше ИПАРД програма ниту Национална програма за рурален развој, но имаше реални понудени откупни цени од страна на откупувачите. Исто така, климатските промени во тој период не ни претставуваа проблем во производството на храна и бевме растеретени од тој аспект, истакнува Мојсовска за МИА.

Од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството за МИА наведуваат дека не постои поддршка за започнување со нов бизнис од областа на земјоделството, но оти има голем број програми за поддршка на постојните земјоделски производители кои сакаат да се специјализираат, модернизираат или да ги прошират своите бизниси.

-Земјоделството е доста деликатна гранка која бара поседување на одредени ресурси за да може да се работи и да се започне бизнис. Меѓутоа, за постојните земјоделски производители, Владата овозможува значителни поддршки, посочи директорот на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството Елгафар Јусуфи.

Колку програмите на Владата им помагаат на постојните земјоделци во услови на ниски откупни цени како што беше примерот со последниот откуп на тутунот ја прашавме Мојсовска. Таа вели дека манипулациите и ниските откупни цени коишто според неа се далеку пониски од производните цени  што ги нудат откупните центри придонесуваат да нема заработка или да има приход само за покривање на трошоците за производство.

Според Манојловска, пак, покрај откупната цена дополнителна главоболка им задава увозот на производи, кои како што вели таа, се со пониска цена од домашните.

– Целата таа надворешна политика е на штета на нашите производи, вели таа.

Меѓутоа проблемите стануваат поголеми ако ги земеме предвид климатските промени со кои се соочува светот, чии што последици најмногу ги чувствуваат земјоделците.

Како што појасни Јусуфи, заштитата од климатските проемени е долготраен процес кој се реализира во соработка со науката. Сепак тој вели дека се надева дека ќе има можност да се применат сите нови технологии во насока на прилагодување на климатските промени.

Од Владата, пак, како една од најуспешните мерки го истакнуваат авионското засејување на облаци. Таа мерка, според нив спречила огромни штети од град врз посевите.

-Исто така во мерките од ИПАРД има можност за апликација за 60 проценти грантови за системи за наводнување, технологии против измрзнување, поставување заштитни мрежи од град и други мерки наменети токму за намалување на штетите од климатските промени, велат од Владата за МИА.

Но, и покрај овие заложби, според Мојсовска, последнава деценија загубите од климатските промени се огромни.

-Град, суша, мраз, доцен пролетен мраз, поплави, обилни дождови појава на многу нови болести секоја година се присутни и за жал ние земјоделците не можеме да се справиме со нив без помош од државата, вели претседателката на Федерацијата на фармери.

Манојловска, пак, посочува на тоа дека во развиените земји се употребуваат роботи, дронови, сензори за прецизни прогнози за време, контрола на болести, штетници и плевели, кои делумно или целосно ја заменуваат аргатската работна рака, одледување култури во заштитен простор со контролирани услови, хидропонија, одгледување култури на различни стерилизирани супстрати и примената на пермакултурата.

-Свеста за климатските промени на земјоделците во Македонија полека се развива меѓутоа се уште е на ниско ниво, потенцира Манојловска.

Земјоделците сметаат дека развиените мерки кои се користат во другите земји за земјоделците во државава се скапа инвестиција, која не можат да си ја дозволат.

Ова, како што рече Мојсовска, се недостатоции поради кои има недовербата на граѓаните особено младите да почнат да се занимаваат со земјоделство.

-Секој млад човек сака услови за работа, а тоа се инфраструктура на селата, градинки каде што неговите деца ќе можат да престојуваат едноставно да ги имаат сите услови за живот како и младите луѓе во урбаните средини и секако профит и заработка од земјоделството, смета Мојсовска.

Во Единствениот регистер на земјоделски стопанства запишани се 177.338 активни земјоделски стопанства.