„Подароци од срце“ е Божиќната тема на Бајденс во Белата куќа (фото)


САД – „Подароци од срце“ е темата на првиот Божиќ на претседателот Џо Бајден во Белата куќа. Првата дама Џил Бајден ги откри украсите кои одговараат на темата, за кои се вели дека се инспирирани од луѓето што двојката ги запознала додека патувале низ земјата оваа година.

„Додека ја прославуваме нашата прва празнична сезона во Белата куќа, ние сме инспирирани од Американците што ги сретнавме низ целата земја, потсетувајќи нè дека нашите разлики се скапоцени и нашите сличности бесконечни“, напишаа Бајденс. „Ви посакуваме среќна, здрава и радосна празнична сезона. Додека ја очекуваме новата година полна со можности, нека подароците од срце го осветлуваат нашиот пат напред“.

Со оглед на тоа што Бајден ја помина неделата на Денот на благодарноста во Нантакет, Масачусетс, повеќе од 100 волонтери се зафатија со украсување на Белата куќа – вклучително и Овалната канцеларија – со 41 новогодишна елка, околу 1800 метри украсна лента и повеќе од 10.000 украси.

 

Дваесет и пет венци ги красат северната и јужната страна на Белата куќа, а речиси 79.000 светилки ги осветлуваат новогодишните елки, и другите празнични украси.

Џил Бајден покани клас од второ одделение од основното училиште Малколм во Валдорф, Мериленд, за да и помогне да ги открие украсите, соопшти Белата куќа. Присутни ќе бидат и ликовите на PBS KIDS Мартин и Крис Крат од програмата „Wild Kratts“.

Таа, исто така, покани семејство од локалната Национална гарда да ја истакне улогата што гардата ја одигра во одговорот на САД на Ковид19, како и воените семејства кои ги поминуваат празниците далеку од најблиските.

Новинарите ќе ја обиколат украсената Бела куќа пред свеченото откривање.

Официјалната новогодишна елка во Белата куќа, секогаш поставена во Сината соба, е украсена со гулаби за мир кои носат транспарент на кој се врежани имињата на 50-те држави и териториите на САД.

Традиционално, првата дама е задолжена за украсување на Белата куќа за време на празниците. За време на администрацијата на Трамп, тогашната прва дама Меланија Трамп секоја година различно ја украсуваше Белата куќа.

Во 2018 година, темата беше „Американски богатства“ и дел од темата вклучуваше славење на „уникатно наследство на Америка“. Некои од предметите вклучуваа венци исполнети со американско овошје и зеленчук, 40 црвени елки и класичната елка од Белата куќа висока 18 метри.

Во 2019 година, темата беше „Духот на Америка“, а Белата куќа беше украсена со украси како „црвена соба“ со тема „игротека“.

„Америка убава“ беше темата за 2020 година, во знак на поздравување и на 100-годишнината од правото на глас на жените и на улогата на први одговорни за време на пандемијата Ковид-19. (АП)