Почнува проектот „Месеци на практикантство“ за студентите во општините


фото: Б. Грданоски

Министерството за локална самоуправа и Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА) денеска во Скопје официјално ќе го промовираат проектот „Месеци на практикантство“, чија цел е да им овозможи на студентите да стекнат практично работно искуство во своите матични општини.

Отворањето на проектот ќе се одржи во хотелот „Холидеј Ин“ со почеток во 11:30 часот, во присуство на претставници на локалната самоуправа, градоначалници, студенти, професори, претприемачи и партнери на проектот.

На промотивниот настан ќе се обратат министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и директорката на ИНОВА, Даниела Димовска.

Според организаторите, проектот е наменет за студентите да стекнат практични знаења и искуства во согласност со нивната струка, преку ангажман во општините од кои потекнуваат.

Во рамки на првиот циклус, повеќе од 60 студенти ќе започнат практикантска работа во општините низ државата.