Почна ИПАРД 3 кампањата, 97 милиони евра од ЕУ за инвестиции во македонското земјоделство


Први во регионот ја почнуваме новата ИПАРД приказна. Имаме на располагање 97 милиони евра. Да ги претвориме овие средства во нови инвестиции. Со поддршката што ни ја дава ЕУ да продолжиме да ги развиваме општините и руралните подрачја, да продолжиме да го модернизираме и осовременуваме нашето производство, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на настанот со кој и официјално почна кампањата за ИПАРД 3 Програмата.

Николовски напомена дека земјава е лидер во регионот со 98 отсто искористеност на средствата и нула евра поврат за целиот ИПАРД 2 период.

-Една мала земја како нашата, успеа да се избори за лидерско место во конкуренција со двојно поголеми држави и држави членки на ЕУ. Доказ за тоа е што ние имаме број на инвестиции колку Србија, Црна Гора и Албанија заедно. Ние сме лидери по три основи: имаме најголема искористеност од 98 проценти на средствата од ИПАРД 2 со склучени 2 369 договори, нула евра поврат на средства за целиот ИПАРД 2 период и први во регионот почнуваме со ИПАРД 3 програмата. Овој успех се мери во милиони евра инвестирани дома, во инвестиции по европски стандарди за модернизација на земјоделството и зголемен рурален развој. Реализирани се многу нови преработувачки капацитети, објекти за рурален туризам, фарми, модерна земјоделска механизација, системи за наводнување и мали бизниси од рурални средини. Новите капацитети значат золемено производство, нови вработувања, поголем рурален туризам и зголемена домашна економија, рече Николовски.

Според него, радува фактот што од 2 369 договори, дури 859 се склучени со млади земјоделци, чии инвестиции во земјоделството изнесуваат девет милиони евра.

-Она што дава уште поголема тежина на овие бројки е фактот дека сите инвестиции финансирани од ИПАРД ги исполнуваат строгите ЕУ стандарди, подвлече министерот.

На настанот се обрати и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, нагласувајќи дека новиот програмски период на ИПАРД 3, почнува со 62 отсто поголем буџет во споредба со ИПАРД 2. 

-Ова е нова страница во развојот на мекедонското земјоделство кое ќе го зголемува извозот на пазарот во ЕУ и ќе ни даде добра основа за многу повеќе и поголеми структурни европски фондови, бидејќи тоа го носи членството во Унијата. Ова е воедно потврда и најсилен доказ зошто сме и зошто треба да останеме на европскиот пат, потенцира Маричиќ.

Директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски потсети дека институциите вложија големи напори во промовирање и афирмирање на ИПАРД Програмата.

-Целта беше запознавање на крајните корисници со сите услови, критериуми и правила, но и испраќање силна порака дека ИПАРД не познава вери, нации, припадности, политички проминиенции. ИПАРД е тука да го поддржи секој што приоѓа со добар проект. Целта на ИПАРД е да го поддржи земјоделството, да го поттикне руралниот развој и стопанството во руралните средини, рече Бачовски.

ИПАРД 3 програма која беше презентирана на настанот, е различна од ИПАРД 2 по неколку основи. Покрај четирите веќе акредитирани мерки од ИПАРД 2, ќе се акредитираат четири нови мерки – за рурална инфраструктура, за локални акциски групи (ЛАГ-ови), за агроекологија, клима и органско производство, како и за советодавни услуги.

Министерот Николовски ги информираше градоначалниците за новата Мерка за рурална инфраструктура која ќе биде акредитирана во 2024 година и која е наменета за општините. На располагање, рече, ќе имаат 17 милиони евра за инвестиции во обновливи извори на енергија, локална патна ифраструктура, водовод и канализација за поголем развој на руралните подрачја. Се воведува и нов начин во обезбедување на потребната документација, ќе се  користи електронски системи за набавка на документи од Централен регистар, со што ќе се поедностави, олесни и забрза процесот и ќе се намалат трошоците за корисниците.

Најголема новина, истакна Николовски, е што со ИПАРД 3 се овозможува авансна исплата до 50 отсто од висината на финансиската поддршка, веднаш по потпишување на договорот, што ќе биде големо олеснување за побрза раелизација на сите инвестиции и голема финансиска помош за полесен старт на проектите.

Во мај и јуни ќе биде спроведена интензивна теренска информативна кампања во сите региони. Предвидено е да се посетуваат по две населена места дневно, а првиот повик од ИПАРД 3 програмата треба да биде објавен кон крајот на јуни.