Почна 25. ОФФест: Уникатниот звук на балафон и африканските ритми ја маѓепсаа публиката
Два концерти и две уникатни музички изведби на почетокот на годинашниот 25. по ред ОФФест синоќа во Националната опера и балет во Скопје ги маѓепсаа присутните кои имаа можност да го слушнат виртуозот на оригиналниот африкански инструмент балафон, Ласана Диабате и заразните африкански ритми и социјално ангажирани песни на феноменалните БЦУЦ од Совето во Јужна Африка.
Иако беше најавен како дел од инструменталното трио Guitari Baro (во превод „Гитарски разговори“), Диабате (поранешен член на Symmetric Orchestra на Тумани Диабате, член на Afrocubism и лидер на легендарната група Trio Da Kali), се претстави сам со својот инструмент, бидејќи другите двајца музичари (гитаристите Гаусоу Кујате и Керфала Диабате), поради проблеми со визите од ЕУ, не можеа да пристигнат во Скопје.
Диабате, како што посочи, прв пат настапува во соло варијанта, но тоа не го спречи да ги покаже сите свои магични ноти на оригиналниот африкански инструмент, за кој, како што посочи во најавата шефот на ОФФест, Оливер Белопета, е инструмент кој датира од 12. век и е културно наследндство на тогашната Мандинга империја, првата цивилизациска творба во Африка. Инструментот по резонанцата на звукот потсетува на ксилофон, но е многу стар и е дел од наследството на таа империја.
Во вториот дел на вечерта се претставија експлозивните BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness), домородна група која потекнува од Совето во Јужна Африка, која ги пренесе своите високоенергетски ритми кои ја кренаа публиката на нозе.
Групата и во најавате беше претставена како уникатна мешавина од психоделични грувови, комбинирани со хип-хоп и панк-рок енергија, која им донесе обожаватели од сите краишта на светот. Својата енергија ја пренесоа и на концертот синоќа во Скопје.
Инаку ова не е прва нивна средба со македонската публика. Тие се вратија на јубилејниот ОФФест по две години, како еден од најдобрите состави во целата историја на фестивалот, овојпат промовирајќи го својот нов, петти студиски албум „The Road is Never Easy“.
Белопета во најавата рече дека тој лично не признава јубилеј ако бројката не завршува на нула.
Зборувајќи за годинашниот избор на музичари, Белопета посочи дека овој пат фокусот подразбира дека има пет групи од Африка, од различни делови на континентот, од западна, централна, од источна, од јужна, и сите тие региони се разликуваат многу дури и во самата музика.
„Сите концерти се направени според критериумиот да бидат актуелни и сите изведувачи практично имаат нови изданија кои се многу актуелни токму во овој момент“, рече Белопета.
Вечерва на програмата на ОФФест се норвежаните Nils Økland & Sigbjørn Apeland и нашите музичари Добрила и Доријан, а овој концерт на ОФФест е ексклузивна промоција на новиот, трет нивен албум. (М.Ј.)