Почина Канзи, најпаметното шимпанзо на светот


Канзи, бонобо (пигмејско шимпанзо) кој со својата неверојатна комуникациска способност и способност за користење алатки, ги сруши границите меѓу човечката и животинската интелигенција, почина на 44-годишна возраст .

Иако резултатите од обдукцијата сè уште се чекаат, старателите велат дека Канзи вообичаено бил активен на денот на неговата смрт – трчал по други бонобо, барал храна и учествувал во негувањето на своето крзно. Сепак, тој неодамна беше под ветеринарна нега поради срцеви заболувања. Со оглед на тоа дека бонобоите живеат во просек околу 40 години, смртта на Канзи не била неочекувана.

„Канзи им значеше толку многу на многу луѓе. Нашиот тим е целосно уништен од неговото умирање“, се вели во соопштението на Ape Initiative. Тој беше сакан од членовите на неговата бонобо заедница и пријател на сите што го познаваа“.

Роден во заробеништво во 1980 година, Канзи порасна на филдската станица Јеркс, во американската држава Џорџија, во рамките на сегашниот Национален истражувачки центар за примати Емори. На петгодишна возраст, тој се преселил со својата полусестра Панбаниша во Јазичниот истражувачки центар на Државниот универзитет во Џорџија.

Подоцна и двајцата беа префрлени во Great Ape Trust во Де Мојн, Ајова – институција која подоцна беше затворена по наводите за злоупотреба на животни и внатрешни конфликти. Во 2013 година, објектот беше преземен од Ape Initiative, која го оживеа.

За разлика од познатите примати како горилата Коко и шимпанзото Вашо, кои комуницираа преку знаковен јазик, Канзи ја подигна комуникацијата на ново ниво. Користејќи тастатура со геометриски симболи, т.н.  лексиграми, користена од приматологот Сју Севиџ-Рамбо, Канзи научил да препознава и користи околу 3.000 изговорени зборови. Неговата способност да го разбере човечкиот јазик и сложените концепти беше револуционерна.

Во соработка со археолозите Николас Тот и Кети Шик од Универзитетот во Индијана, Канзи научил да прави камени алатки во текот на 1990-тите, користејќи методи слични на оние на раните луѓе. Тој не се ограничи само на имитација – со текот на времето развил свои техники за обработка на камен, обезбедувајќи им на научниците вреден увид во моторните и когнитивните вештини потребни за производство на праисториски алатки.

Канзи и неговите сожители во Great Ape Trust живееле во средина прилагодена на нивните потреби. Имаа пристап до фонтани за пиење, хидраулични врати кои сами се отвораа, кујна со машина за закуски и микробранова печка, па дури и просторија за рекреација со телевизор и видео рекордер.

Меѓу неговите омилени филмови беа Every What Way But Loose со Клинт Иствуд и орангутанот Манис, Потрага по оган, Грејсток: Легендата за Тарзан и Бејб.

Канзи покажа и склоност кон видео игрите. Светското внимание првпат го привлече во 2006 година кога на интернет се појави видео на кое вешто игра Pac-Man. Подоцна беше откриено дека Канзи бил ентузијаст на Minecraft, а според Аманда Епинг, координатор за истражување на Ape Initiative, тој брзо зеде нови правила и задачи на играта, покажувајќи исклучително ниво на разбирање.

„Неговата способност да учи нови вештини беше неверојатна – по само неколку обиди знаеше што да прави“, изјави Епинг за Des Moines Register.