Почина Иранецот чија животна приказна го инспирираше Спилберг за филмот „Терминал“
Франција– Во саботата почина Мехран Карими Насери, ирански политички бегалец кој живееше на парискиот аеродром Роаси-Шарл де Гол повеќе од 18 години и го инспирираше филмот „Терминал“ на режисерот Стивен Спилберг, соопштија аеродромските власти.
Тој починал од природна смрт, во саботата малку пред пладне на терминалот 2F, изјави претставник на аеродромот.
Тргнал во потрага по мајка си
Роден во 1945 година во градот Масјед Солејман во иранската провинција Кузистан, Мехран Карими Насери, кој беше познат и по името „Сер Алфред“, избра да живее во Роаси, северно од Париз, во ноември 1988 година, по долго патување – на кое тргнал во потрага по мајка си – и отпатувал во Лондон, Берлин, Амстердам.
Каде и да стасал, аеродромските власти го враќале, бидејќи немал документи. Во 1999 година добил статус на бегалец и право на престој во Франција.
Се дружел со персоналот
На аеродромот Роаси се спријателил со персоналот и станал познат, па за него биле снимени различни телевизиски и радио прилози од француски и странски медиуми.
Неговата приказна го инспирираше режисерот Спилберг да го сними филмот „Терминал“ со Том Хенкс во главната улога.
По филмот, Насери живеел во дом во Париз, но подоцна се вратил да живее на аеродромот.