Почина големиот албански писател Исмаил Кадаре


Еден од најистакнатите албански писатели со светско реноме и централна личност на албанската култура во втората половина од дваесеттиот век, Исмаил Кадаре, почина денеска во утринските часови, јавуваат албанските медиуми.

Кадаре почина од срцев удар на 88-годишна возраст, изјавија за АФП неговиот уредник и болницата во Тирана. Лекарите се обиделе да го оживеат писателот кога бил донесен во болница во Тирана „без знаци на живот“, но тој бил прогласен за мртов во 8:40 часот по локално време, соопшти болницата.

Кадаре е роден во Ѓирокастер, каде што завршил средно образование. Дипломирал албански јазик и литература на Универзитетот во Тирана, а потоа студирал на Институтот за светска книжевност „Максим Горки“ во Москва.

Книжевните почетоци на Кадаре се главно во поезијата („Момчешки инспирации“, 1954; „Соништа“, 1957; „Мојот век“, 1961; „Што размислуваат овие планини“, 1964; „Мотиви со сонце“, 1968; „Време“ , 1976).

Неговото име се поврзува со доаѓањето на „генерацијата од 1960-тите“ во литературата, која внесе дух на општа еманципација во националната култура.