Почина Астро, основач на групата UB40


Астро, поранешeн пејач и основач на британската реге група UB40, која се прослави во 1980-тите со хитовите „Red Red Wine“ и „Can’t Help Falling In Love“, почина на 64-годишна возраст од болест, објави неговиот бенд во саботата.
Теренс Вилсон, познат под уметничкото име Астро, настапуваше со UB40 до 2013 година кога формираше нов бенд.

„Ние сме уништени од загубата на нашиот драг Астро кој почина по кратко боледување“, напиша на Твитер неговата сегашна група наречена „UB40 featuring Ali Campbell & Astro“.

„Светот повеќе нема да биде ист без него“, се вели во соопштението.

И неговата поранешна група ја потврди информацијата, додавајќи дека тој починал по „кратко боледување“.

Обработката на песната на Нил Дајмонд „Red Red Wine“ ја лансираше UB40 на врвот на популарноста со повеќе од 100 милиони продадени плочи.

Името на групата основана во Бирмингем во 1978 година се однесува на британскиот формулар за невработени (Unemployment Benefits, Form 40).

Тапанарот Џими Браун оваа година за „Гардијан“ изјави дека британското разузнавање ја прислушувало и ја следи групата.

„МИ5 ги прислушуваше нашите телефони и ги надгледуваше нашите домови“, рече тој. „Не подготвувавме револуција, но ако се случеше, ќе знаевме на која страна ќе бидеме“, рече тој.