По шамарот на Вил Смит, Академијата воведе кризен тим: Се знае и кој ќе биде домаќин на Оскарите
САД- „Поради минатогодишниот инцидент, ги отворивме нашите умови за многу работи што би можеле да се случат на Оскарите“, изјави Бил Крамер, извршен директор на Академијата.
Академијата за филмски уметности и науки одлучи да формира кризен тим откако актерот Вил Смит му удри шлаканица на водителот Крис Рок на минатогодишното доделување на Оскарите.
Според извештаите, тој ќе биде задолжен само за вонредни ситуации.
„Поради минатогодишниот инцидент, ги отворивме мислите за многу работи што може да се случат на Оскарите. Имаме цел кризен тим, нешто што досега не сме го имале и многу планови за различни можни сценарија. Се надеваме дека тимот ќе биде подготвен на се во случај нешто да се случи“, изјави за „Time“ Бил Крамер, извршен директор на Академијата.
Познато е и кој ќе биде домаќин на овогодинешните Оскари. Тоа е Џими Кимел. Познатиот водител веќе се најде во оваа улога, во 2017 и 2018 година.
“Кимел е некој кој е навикнат на се што доаѓа со телевизијата во живо и е свесен дека работите не одат секогаш според планот. Кимел е водител кој знае како да се справи со тие ситуации”, вели Бил Крамер.

Независниот научно-фантастичен хит „Сè секаде одеднаш“ доби 11 номинации за Оскар, чие 95. доделување ќе се одржи на 13 март во Лос Анџелес.
Кејт Бланшет („Тар“), Ана де Армас („Русокоса“), Андреа Рајсборо („За Лесли“), Мишел Вилијамс („Фабелманови“) и Мишел Јео („Сè секаде одеднаш“) се номинирани за најдобра актерка, а за Оскарот за најдобар актер ќе се борат Остин Батлер („Елвис“), Колин Фарел („Тажачките од Инишерин“), Брендан Фрејзер („Кит“), Пол Мескал („Aftersun“) и Бил Нај („Живеење“).
За најдобра споредна женска улога номинирани се Анџела Басет („Блек Пантер: Ваканда засекогаш“), Хонг Чау („Кит“), Кери Кондон („Тажачките од Инишерин“), Џејми Ли Кертис и Стефани Хсу („Сè секаде одеднаш“), а кај мажите Брендан Глисон, Бери Кјоуген („Тажачките од Инишерин“), Брајан Тајри Хенри („Causeaway“), Џуд Хирш („Фабелманови“) и Ке Хуј Кван („Сè секаде одеднаш“).
Во конкуренција за најдобар странски филм се „На западот ништо ново“ (Германија), „Аргентина, 1985“ (Аргентина), „Блиску“ (Белгија), „Тивката девојка“ (Ирска) и „ЕО“ (Полска).