По Курц веднаш оставка објави и премиерот Александар Шаленберг


Александар Шаленберг (Фото: АФП)

Александар Шаленберг во четвртокот објави дека ќе се повлече од функцијата австриски канцелар штом неговата конзервативна Народна партија се договори за нејзиниот следен лидер, неколку часа откако Себастијан Курц изјави дека ја напушта функцијата.

„Не е моја намера и никогаш не ми беше цел да ја преземам функцијата партиски лидер на Народната партија“, напиша Шаленберг на Твитер. „Цврсто сум на мислење дека двете функции – шефот на владата и лидерот на партијата со најголем број гласови во Австрија – треба брзо да се обединат [под една личност]“.

Шаленберг ја презеде функцијата канцелар во октомври од Курц, кој поднесе оставка како лидер на земјата, но првично остана на чело на партијата поради корупциска истрага за обвинувањата дека користел јавни пари за поткуп на анкетари и новинари – наводи кои тој ги негира. Курц претходно во четвртокот рече дека целосно ќе се откаже од политиката, велејќи дека планира да поминува повеќе време со својот новороден син, а исто така го наведе менталниот товар на тековната истрага.

Првиот мандат на Курц како канцелар, од 2017 до 2019 година, на сличен начин беше заглавен во скандал околу таканаречената афера „Ибица“ во која беа вклучени неговите поранешни коалициски партнери.

„Ја изјавив мојата подготвеност [да станам канцелар] во многу предизвикувачки момент за федералната влада и Народната партија“, напиша Шаленберг на Твитер. „Имам голема почит за одлуката на Себастијан Курц и му благодарам за неговата работа за нашата земја“.

Според весникот „Стандард“, најверојатниот кандидат да стане лидер на Народната партија (ÖVP) и следен канцелар на Австрија е актуелниот министер за внатрешни работи Карл Нехамер.

Кога ја објави сопствената одлука да ја напушти политиката во четвртокот, Курц рече дека истрагата за корупција зела данокот врз него и ја намалила неговата страст за политиката. Курц повторно инсистираше на тоа дека е невин за обвинувањата и рече дека со нетрпение го чека денот кога ќе може да го докаже тоа.

„Јас не сум ниту светец, ниту криминалец – јас сум човек со силни и слаби страни со грешки и сè друго што оди со тоа“, рече Курц.