По Дино паркот и затворениот базен во Штип оди под закуп
Затворениот базен во Штип што беше најавуван како училиштен, каде учениците од основните училишта ќе учат пливање, ќе биде даден под закуп. На денешната седница на Советот на општината, на дневен ред е точката со која треба да се огласи затворениот базен, јавува Канал 77.
Проценетата пазарна вредност изнесува 30,4 милиони денари (495 354 евра), а месечната кирија изнесува 152.320 денари. Закупот е на две години. За тоа време, цената на месечната влезница за деца на смее да биде повисока од 1.000 денари, додека за возрасни 4.000 денари.
Во предлог – одлуката стои дека закупувачот има обврска да инвестира во замена на пумпите со високоенергетски топлотни пумпи, да инвестира во енергетскиот систем на базенот, со што потрошувачката на струја ќе ја намали на половина, како и да организира електронска продажба на влезници со електронска евиденција, одржување на хигиената и базенот да биде отворен 24/7.
Општината од своја страна, ќе ги покрива режиските трошоци, резерните делови и материјалите за тековно одржување.
Во предлог-одлуката за закуп нема одредба за учениците од штипските училишта, за кои првично се градеше затворениот базен. На отворањето на базенот на 23 септември минатата година, градоначалникот Иван Јорданов овој објект го најави како училиштен базен.
-Верувам дека овој објект ќе биде искористен од учениците кои на час за физичко воспитување ќе го користат овој објект, ќе го користат исто така и пливачките клубови, рекреактивците и конечно Штип ќе добие еден ваков репрезентативен објект во кој имаме затворен базен, изјави Јорданов (23.09.2025).
Затворениот базен, дел од обемниот проект на Министерството за спорт, се градеше пет години и беше предмет на бројни препукувања меѓу општинската власт и опозиција по долгиот застој. Во периодот по пуштањето во употреба, затворениот базен главно се користеше за часови по пливање преку издавање на термини на тренери по пливање, за што плаќаа родителите на децата месечен надоместок. На отворањето беше кажано дека инвестицијата за овој проект изнесува 46.735.815 денари со ДДВ или околу 760.000 евра.
Ова е вториот капитален проект по Дино паркот што општината Штип го издава кратко по ставањето во употреба.