Пливањето во базен носи и лоши страни: Еве како хлорот влијае на телото
Еве кои се можните последици од хлорот во базенот врз нашето здравје!
Сезоната за пливање е ширум отворена и граѓаните ќе можат да избегаат од горештините на бројните градски базени и тоа целосно бесплатно. Иако е една од омилените активности во летниот период, пливањето во базен може да донесе одредени последици за организмот.
За разлика од морето кое природно го чистат разни организми и со помош на сол, на базените им е потребен хлор. Познато е дека хлорираната вода ги убива микробите во базенот, обезбедува подобра хигиена и штити од можни инфекции, но сепак хлорот може да предизвика одредени несакани ефекти. Еве некои од нив:
Сува и иритирана кожа
Сувата кожа често може да биде резултат на присуството на хлор и други материи во водата. Засега не се познати случаи на алергија на хлор, но сепак кожата може да биде исклучително чувствителна, што доведува до реакции како што се: сува кожа, чешање, розацеа, акни, осип. Доколку имате чувствителна и проблематична кожа, избегнувајте капење во градски базени и редовно нанесувајте заштитен фактор.
Сува коса
Освен што е штетен за кожата, хлорот не е добар ниту за косата. Хлорираната вода ги отстранува заштитните масла на скалпот, што може да ја направи вашата коса сува и склона кон кршење. Исто така, хлорот ги разградува протеините во косата, поради што косата полесно се крши.
Проблеми со дишењето
Хлорот што се ослободува во воздухот може да биде штетен за респираторниот систем. Високата концентрација на хлор во базените и непроветрените затворени простори може да доведе до проблеми како што се: кашлица, напад на астма, течење на носот, иритација на очите. Затоа е важно да се обрне внимание на несаканите ефекти и да бидете сигурни дека ќе реагирате на промените. Ако ги забележите, веднаш контактирајте го вашиот лекар!