Писмо до Владата и амбасадите: Нека победи правдата, макар и пропаднал светот

Fiаt iustitia, et pereat mundus! Нека победи правдата, макар и пропаднал светот! Со барања запечатени со оваа латинска фраза, стручниот, административниот и помошно-техничкиот персонал, односно сите вработени во Специјалното јавно обвинителство испратија писмо до премиерот Зоран Заев, до министерката за правда Рената Дескоска, претседателот Стево Пендаровски и амбасадорите на Европската Унија, САД и Холандија во кое бараат да се реши нивниот работен ангажман.

Тие се разочарани од недоволното внимание што се посветува на прашањето за иднината на најголемиот дел вработени од ова обвинителство кои работат во сенка на јавните обвинители, но го прават успешен целиот систем што го воспостави оваа институција. За јавноста е помалку познато дека во рамки на ова обвинителство, освен стручната служба составена од стручни соработници и референти, постои одделение на економисти како стручна поддршка при водење финансиски истраги, одделение за информатичка технологија, административна служба, служба за односи со јавноста, доставна служба и вработени во возен парк, преведувачи, како и друг помошно-технички персонал.

„Сметајќи дека е неправедно ние и нашата досегашна работа да не сме предмет на интерес на општествено-политичките чинители или уште полошо, кога станува збор за нас да се зборува како за обична бројка на која ѝ се придодаваат секакви етикети, сакаме да потсетиме на почетоците на СЈО кои беа подеднакво тешки, како и на состојбата во која се наоѓа обвинителството во овој момент. Во услови кога државата беше соочена со сериозни предизвици за својата иднина и кога функционирањето на институциите на системот беше блокирано во секоја смисла на зборот, во услови кога со месеци ниту една институција не го поддржа формирањето на СЈО и неговото екипирање со стручен и помошен кадар, се охрабривме да бидеме крикот на правдата и да се приклучиме на обвинителскиот тим. Притиснати од опструкции, навреди, постојани медиумски напади и етикетирања, свесно прифаќајќи извесен безбедносен ризик за нас и нашите семејства, работевме одговорно, напорно, безрезервно и професионално, доследно почитувајќи ги законите, вложувајќи ги своите напори да создадеме нови професионални стандарди што ќе бидат позитивен пример за сите други институции“, пишуваат вработените.

Тие во писмото го објаснуваат својот работен однос што го засновале со Специјалното јавно обвинителство. Вработувањата во Обвинителството се со договори на определено време, односно работниот однос ќе биде заснован до укинувањето на СЈО. Но она што тие го потенцираат е дека во постојниот закон за СЈО постои одредба која предвидува дека по укинувањето на СЈО, јавните обвинители, административниот персонал и истражителите се упатуваат на работа во Јавното обвинителство на позиции со споредливи лични примања. Практично, сите вработени во СЈО, во ситуација кога сите предмети ќе бидат предадени во редовното јавно обвинителство и неговото постоење ќе стане беспредметно, бараат да преминат во редовното обвинителство.

„Упатуваме апел до меѓународната заедница, која беше дел од процесите на формирање на обвинителството и континуирано следење на неговата работа, која ја помогна изградбата на капацитетите со кои располага обвинителството пред сè преку стручно усовршување, обуки и специјализирана едукација на кадарот, внимателно и активно да ги следи актуелните процеси. Исто така, упатуваме повик до сите политички чинители во своите постапувања да се водат од интересите на државата и од определеноста на граѓаните за нејзиното интегрирање во европските демократски процеси, чии основни вредности се владеење на правото и правна држава, непречено и ослободено од политичко влијание функционирање на институциите, како и правна сигурност за сите нејзини граѓани, а своите одлуки да ги носат исклучиво согласно важечките закони и истите да не предизвикуваат сомнеж кај граѓаните дека криминалот, без оглед на сторителот, може да остане неказнет“, пишува во писмото на вработените.

Веднаш по писмото се огласи министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска, која вели дека за време на разговорите за законот за Јавното обвинителство предложиле вработените во СЈО да бидат префрлени во републичкото јавно обвинителство.

„Во текот на разговорите за законот за јавно обвинителство водиме грижа за сите лица вработени во Специјалното јавно обвинителство и разговараме за нивниот статус. Нашиот предлог беше дека тие лица треба да бидат префрлени во републичкото јавно обвинителство, а јавниот обвинител да може натаму да ги распредели согласно потребите и систематизацијата на Јавното обвинителство“, вели министерката Дескоска.

Поддршка за барањата вработените добиле и од јавните обвинители во оваа институција, чија судбина е исто така во рацете на политичарите. Во меѓувреме, СЈО испрати известување до редовното обвинителство со кое постапуваат по насоките на нивната шефица во оставка, Катица Јанева која е во притвор. Изразуваат подготвеност веднаш да ги достават сите предмети со сите списи и докази до редовното обвинителство, кое во иднина ќе треба да ги застапува предметите.

Додека политичарите се пазарат со предметите на СЈО, невладините организации, односно граѓанскиот сектор, им порачуваат што побрзо да се донесе законот за јавно обвинителство и со него да се регулираат сите прашања кои се поврзани со човечките ресурси и кадарот на оваа институција.

„Обвинителите од СЈО со изградени капацитети особено во водење на финансиски истраги треба да се искористат како капацитет и ресурс. Би било залудно трошење на ресурси и кадар доколку истите се вратат во обвинителствата од кои се именувани. Треба да продолжат да функционираат во новото јавно обвинителство или во републичкото јавно обвинителство“, вели Натали Петровска претставник од групата „Блупринт“, која веќе две години ги следи реформите на правосудниот систем.

За нив е неприфатлив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку биде формирано одделение за гонење организиран и криминал и висока корупција, шефот да биде избран на предлог на опозицијата.

Тие остануваат на ставот дека СЈО како институција и тело треба да продолжи со работа во рамки на јавнообвинителскиот систем согласно хиерархиската поставеност и правила, а доказниот видео и аудиоматеријал се неопходни да бидат употребувани и понатаму во постапките согласно ценењето на судиите.

На политичките партии и власта во моментов е да решат како, но ние сметаме дека предметите по секоја цена мора да се завршат, да се процесираат, за да може на крајот на денот обвинетите евентуално да го обелат својот образ и да се докажат заложбите за правен систем и за напуштање на политиката на неказнивост“, порачува Петровска.

Фросина Факова-Серафиновиќ