„Rising Stars“ на „Охридско лето“: Горјана Стојановска – пијано, младата уметничка со меѓународно искуство на фестивалската сцена


Репертоарот на класична музика на 66. „Охридско лето“ продолжува вечерва со настап на македонската пијанистка Горјана Стојановска. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Горјана Стојановска е родена во Битола, каде го започнува своето музичко образование во Државното музичко училиште, во класата на проф. д-р Татјана Божиновска. Дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф.   д-р Марија Ѓошевска, по претходни студии кај проф. Борис Романов. Своето усовршување го продолжува на Academia Talent Music Master во Бреша, Италија, во класата на проф. м-р Рубен Далибалтајан.

Добитник е на повеќе награди на државни и на меѓународни натпревари и има настапувано на солистички и камерни рецитали во земјата и во странство. Настапувала како солист со Македонската филхармонија, а во 2024 година настапува во Виена со Камерниот оркестар на Националната опера и балет. Редовно учествува на фестивали во Македонија. Од 2021 година работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола.