Петте најважни лековити билки: Есенска апотека
Есента е сезона која што е богата со многу видови на ароматични билки, како и разновидни корени, мирудии и јаткасти растенија кои што содржат многу протеини и хранливи материи. Сега се соочуваме со првите свежи утра и нагли скокови во температурата, што може да се рефлектира со настинки, воспалување на синусите и дишните патишта, болки во телото и коските, но и зголемена потреба за одмор и смирен сон.
Ајурведската медицина препорачува во оваа сезона да доминира лутиот вкус во исхраната, со што би успеале да ја подобриме циркулацијата, да се стоплиме и да го зголемиме имунитетот преку подобрување на дигестијата и отстранувањето на отпадните материи од организмот. На тој начин се прочистува и подобрува крвната слика и се отстранува вишокот на слуз кој што се лачи поради влажното време.
Коренастите растенија како ѓумбирот, коренот на глуварчето, ренот, цвеклото и другите репки, се одлични растенија за одржување на доброто здравје во оваа сезона. Секако тука се и бобинките од дивите растенија како шипинките и глогот, но и жалфијата, нането и босилекот, кои што се одлични билки за зголемување на имунитетот, намалување на стомачните болки и кои што можете да ги користите во текот на целата година, во облик на чаеви, зачини или додатоци во салатите и чорбите.
Доколку планинарите и ги посетувате блиските излетнички места за време на викендите и самите ќе можете да соберете дел од овие растенија, кои ќе ги користите во својата домашна апотека. Некои од нив се култивирани и може да го одгледувате во своите градини или бавчи, а некои се самоникли и диви грмушки, кои што ќе ги најдете на најнеочекуваните места како магија на природата.
Рен
Ренот е бел или жолто бел корен кој што има силно лут вкус, а е познат уште од дамнина, најмногу по тоа што ги смирува воспалувањата на устата, грлото и дишните патишта. Ова растение е богато со витамин Ц и минерали, а поради своето луто својство, се користи за подобрување на циркулацијата, ревматските болки, невралгиите и смрзнатините. Благотворно делува на целиот организам, ја подобрува дигестијата и работата на црниот дроб, срцето и делува на крвниот притисок, а освен тоа има и силни афродизијачки својства. Неговите листови се користат за триење на болните места или смрзнатини, со што се подобрува циркулацијата.
Глуварче
Глуварчето е самоникла билка широко распространета во овие региони, која што цвета во периодот од март до октомври, а ова е идеален период за вадење на неговиот корен кој што покрај листовите, има голема вредност при лекувањето. За ова растение одамна се знае дека помага да се отстранат токсините од телото, преку подобрување на работата на црниот дроб и на тој начин да се одржи здравјето во оптимална состојба. Богат е со витамините А, Ц и Д, потоа со многу минерали, како магнезиумот, калиумот и железото, помага при одржување на уринарните патишта, отстранување на песокот и жочните камчиња, но и каменот во бубрезите. Се препорачува дури и за лекувањето на цироза и другите хепатални заболувања.
Шипинка
Ова самоникло растение во облик на грмушка е повеќегодишно растение и може да се најде дури и во парковите во градскиот регион, а најмногу на падинските, брдските и планинските места. Нејзиниот црвен плод изобилува со витаминот Ц, по што е и позната и се користи како чај, џем или желе, бидејќи е богата со хранливи материи, како железото, калциумот, калиум и фосфор. Одличен извор на пектини, витамин А и Е, како и селен и манган. Шипинката се користи при воспалувањата, ја намалува вкочанетоста на вратот, грбот, зглобовите и болката во куковите и го подобрува општото расположение. Нејзините плодови се оставаат преку ноќ да отстојат во вода, а потоа наутро се вари чај, со кој што ќе ја победите настинката, кашлицата и респираторните потешкотии.
Глог
Глогот е самоникла билка со средна височина, која што има облик на грмушка. Нејзиниот плод е црвенкаста бобинка, која што е најпозната при лекувањето на срцевите болести и регулирањето на крвниот притисок, а се бере токму во оваа сезона. Се користи одамна и е популарно растение насекаде во светот. Помага при отстранување на вишокот на холестерол, затнување на крвните артерии и при срцевите аритмии. Познат по своето смирувачко дејство, глогот е тука за да го подобри вашиот сон, нервоза, тешко дишење и зуење во ушите. Се препорачува за отстранување на потешкотиите поврзани со менопаузата и андропаузата, но и како помош при слабеењето, бидејќи помага при исфрлувањето на вишокот на течности во организмот.
Жалфија
Жалфијата е широко распространета самоникла билка во нашиот регион, но и пошироко во светот, која што е користена од дамнина и има силни антивоспалителни својства. Затоа се користи при чистење на раните и исечениците, се прави чај за смирување на воспалените крајници и грло, бидејќи помага да се исфрли вишокот на слуз од синусите и дишните патишта. На природен начин го намалува шеќерот во крвта, го регулира притисокот, го намалува потењето при треските, температурите и при менопаузата, а ја прочистува крвта преку подобрување на работата на црниот дроб. Често пати се кади просторијата на заболениот со цел да се прочисти просторот од вируси и бактерии. Делува смирувачки врз централниот нервен систем и се препорачува како чај со кој што ќе си го подобрите сонот, а со тоа ќе го вратите своето добро расположение и духовен мир.
Ирена Танчева