Перез се одлучи за новиот тренер на Реал: „Доаѓа единствениот човек што може да ги скроти арогантните ѕвезди“


Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, веќе се одлучи за најважното прашање за новата сезона – изборот на тренерот што ќе го преземе Реал Мадрид.

По разочарувачката сезона без трофеј, јасно е дека Алваро Арбелоа нема да остане на клупата на Кралскиот клуб, а Мадрид бараше тренер кој може да преземе соблекувална полна со горди ѕвезди и да воспостави ред со својот авторитет.

И сега, барем според шпанските медиуми блиски до Реал Мадрид, сè е јасно – Жозе Мурињо е единственото вистинско решение на кое Перез смета!

Поругалскиот тренер со денови се поврзува сè повеќе со враќање на Сантијаго Бернабеу, а во Мадрид јасно веруваат дека тој е човекот што може да ги скроти разгалените и арогантни ѕвезди и повторно да го натера тимот да функционира како сериозна машина. Некои се за тоа, некои се против, но Флорентино Перез се одлучи и затоа сè води кон тоа Мурињо да го предводи Реал следната сезона.

Неговото име носи тежина каква што само Зинедин Зидан може да предизвика во овој момент, но Зидан никогаш не бил вистинска опција бидејќи ја чека француската репрезентација по Светското првенство. Затоа Мурињо остана најпознатото, но и најреалното име.

Особено важно е што Жозе Мурињо наводно има силна желба да се врати во Реал Мадрид. Првиот мандат не заврши онака како што сакаше и тој е свесен дека сега има неочекувана можност да се врати во клубот со кој има недовршена приказна.

Целата приказна доби дополнителна тежина од изјавите на шпанската „Марка“ и Фабрицио Романо, кои тврдат дека преговорите се во тек и дека Португалецот е се поблиску до враќање.

„Реал Мадрид започна преговори со Жозе Мурињо, а директните контакти се во тек. Бенфика сака „Моу“ да остане по секоја цена, но е свесна дека преговорите со Реал се во тек. Одлуката дали ќе се врати во Мадрид зависи од Флорентино Перез“, напиша Романо.

„Марка“ има сличен тон, што дополнително нагласува зошто Мурињо сега прескокна пред другите кандидати.

Настаните од последните неколку дена нагло ја поместија вагата во корист на Мурињо. Португалецот би дошол со богато искуство во справувањето со деликатни ситуации во текот на неговата долга кариера. Сегашната клима на висока тензија во тимот ги зајакнува аргументите за оние кои го поддржуваат ангажирањето на португалскиот тренер, кој исто така има предност поради неговото внатрешно познавање на клубот“, пишува Марка.

Токму овој дел можеби најдобро објаснува зошто Перез се насочува кон Мурињо. На Реал Мадрид не му треба само тренер. Му треба авторитетна фигура, некој што ќе повлече линија без двоумење и ќе ја врати дисциплината во соблекувалната.

Беа споменати и други имиња, како што се Јирген Клоп и Маурисио Покетино, кои Перез наводно многу ги цени, но се чини дека ниту еден од нив нема она што го има Мурињо – силен карактер, однос со претседателот и способност да воспостави ред без компромис таму каде што го нема.

Во својот прв мандат, Жозе Мурињо помина три години на клупата на Реал, го водеше клубот во 178 натпревари и го освои шпанското првенство, Купот на кралот и Суперкупот на Шпанија. Токму затоа неговото евентуално враќање не би била само носталгична приказна, туку обид да се врати клубот на основите – ред, хиерархија и авторитет. Во Мадрид, јасно веруваат дека тој е единствениот што може да го направи тоа сега.