Пендаровски го вика Мицкоски на дуел, а не Силјановска

Според претседателот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ води кампања како да е кандидат за шеф на државата, а не Гордана Силјановска-Давкова


Стево Пендаровски денеска од Делчево му фрли ракавица на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи го имаат телевизиски дуел затоа што, според него, тој бил кандидат на опозицијата за шеф на државата, а не Гордана Силјановска-Давкова. Оваа изјава на Пендаровски доаѓа по случувањата на митинзите  на Силјановска , каде што, всушност, глаевн говорник е Мицкоски, кој нив ги користи како платформа за парламентарните избори. Актуелниот претседател беше прашан дали ќе има телевизиски дебати и зошто била откажана најавената матер дебата на сите кандидати.

„Јас бев првиот од седумте кандидати кој уште пред 20 дена предложи т.н. мастер дебата. Сите седуммина, пред сите телевизии да имаме најмалку две соочувања пред првиот круг и тие што ќе поминат во вториот круг уште една потоа. Меѓутоа од страна на најголемата опозициска партија прво бевме одбиени, бидејќи побараа двајца од кандидатите да не учествуваат. После се пишманија, меѓутоа потоа три од најголемите телевизии, најгледани телевизии во Македонија се откажаа, не знам од кои причини“, рече тој.

Во овој контекст, Пендаровски потенцираше дека е подготвен да се соочи со опонентите во кое било време, на кој било терен, на која било телевизија.

„Меѓутоа, јас сакам вечерва да предложам да имаме вистински дуел, да има реален дуел, не фингиран дуел. Јас предлагам да излезам на дуел со Христијан Мицкоски, бидејќи очигледно тој е кандидат за претседател. Госпоѓата Силјановска не ја гледаме каде е“, рече Пендаровски. 

Шендаровски денеска беше и во Македонска Каменица, Пехчево и Берово.

Посочувајќи дека често доаѓа во овие градови и запознаен е со проблемите на локалното население, Пендаровски истакна дека знае дека многумина од нив поминале низ голготата на владеењето на ВМРО–ДПМНЕ. Во контекст на актуелните случувања со блокадата на Бугарија, Пендаровски посочи на ставот на опозицијата дека ќе го поништи Договорот од Преспа и „магично“ ќе го реши проблемот со Бугарија.  

„Сакаат да ги поништат сите договори и да почнат сè од почеток. Да не ве лажат, тие имаат само план за власт. Тие велат Рамковниот договор не им се бендисува, ама само што ќе дојдат на власт веднаш прават коалиција со албанска партија. Ако се на власт ќе владеат исто, затоа што станува збор за истите луѓе. Генералниот секретар на Груевски е денешен претседател на ДПМНЕ. ВМРО треба да каже кои јаки меѓународни пријатели ги имаат за да сменат нешто со Бугарија. А ние знаеме кои се нивни пријатели“, подвлече Пендаровски.

„Нема стратешка одлука без ветер во грб од граѓаните. Ви благодарам што нè поддржавте во сите тешки одлуки за државата“, додаде Пендаровски.