Пендаровски: Штајнмаер имаше значајна улога за надминување на бугарската блокада


Посетата на еден германски претседател е секогаш важен настан, дури и кога се во прашање најголемите држави во светот, а не пак кога доаѓаат во една мала европска земја како нашата. Иако, тој сигурно не би сакал за тоа многу да се зборува, морам да споменам дека претседателот Штајнмајер имаше значајна улога во напорите да ја надминеме бугарската блокада на нашите евроинтеграции, вели за ДВ претседателот Стево Пендаровски, кој  е домаќин на неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер.

-Личниот авторитет и интегритет на актуелниот германски претседател е голема додадена вредност, затоа што, неспорно, станува збор за еден од најголемите политички авторитети во светот во последнава деценија. Мојата прва билатерална посета како претседател беше токму на Берлин и оттогаш имав чест во повеќе прилики да се среќавам со господинот Штајнмајер, при што изградивме лични релации на взаемна доверба и почит. Иако, тој сигурно не би сакал за тоа многу да се зборува, морам да споменам дека претседателот Штајнмаер имаше значајна улога во напорите да ја надминеме бугарската блокада на нашите евроинтеграции, вели Пендаровски.

Тој нагласува дека претседателот Штајнмаер е со завиден бекграунд и искуство во областа на дипломатијата и безбедноста, и истовремено е еден од најдобрите познавачи на нашиот регион. Така што, сигурно, вели, ќе има што да каже за тоа како подобро да ги контролираме тензиите кои се појавуваат одвреме-навреме и евентуално да се приближиме до оддржливи решенија за неколкуте отворени прашања кои постојат на Западниот Балкан.

Тој наведува дека Северна Македонија и Германија следната година ќе одбележат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи  , а во целиот тој период Берлин има значаен придонес во стабилизирањето на македонската економија.

-Секоја објективна анализа ќе покаже дека – ако САД и Велика Британија беа клучни екстерни актери, кои во раните ‘90-ти години ни помогнаа да ја етаблираме во меѓународни рамки младата македонска држава, Германија, без сомнение, најмногу придонесе да ја стабилизираме економијата и стандардот на живеење на граѓаните. Само неколку факти се доволни за да ја поткрепат оваа теза: Германија е наш најголем трговски партнер со години наназад, 45% од нашиот извоз се пласира во Германија, а,  200 компании со германски капитал вработуваат околу 15.000 македонски граѓани, нагласува претседателот Пендаровски.

Пред доаѓањето во Скопје, германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер порача дека неговата посета  сигнализира дека Западен Балкан во никој случај  не е заборавен и доколку се постигне соодветен напредок во земјите, тогаш патот кон членство во ЕУ ќе стане појасен. Имено, на прашањето дали е реално 2030 да биде годината за влез во ЕУ на дел од земјите од Западен Балкан, германскиот претседател појасни дека е „претседател, а не пророк“ и потенцира дека тоа зависи од домашната подготвеност за реформи и од подготвеноста за спроведување на реформите.

-И денес можеме поинаку да дебатираме во земјите од Западен Балкан, бидејќи, на пример, Северна Македонија и Албанија направија одлучувачки чекори напред. Тоа ја зајакнува самодовербата во тие земји и им дава до знаење на другите во регионот на Западен Балкан дека овој чекор се исплати, изјави Штајнмаер.

Тој потсетува дека процесот за Западен Балкан започна во Берлин пред многу години.

-На почетокот беше тешко, како што се сеќавам. Но, кога ќе помислам на последниот самит, сметам дека патувањето со лични карти, меѓусебното признавање на школските и универзитетските дипломи, подготвеноста на ЕУ да помогне со енергетските проблеми, тоа е значителен напредок. Во овој поглед, го разбирам нетрпението, без сомнение. Но, ние не сме во фаза кога некого би обесхрабрувале. И тоа секако не поради Украина, затоа што сите внимаваме на Западен Балкан, но ги следиме и Северна Македонија и Албанија, каде што има напредок, вели Штајнмаер, кој од денеска е во дводневна прва официјална посета на државава.