Левица со антикорупциска платформа ќе се бори против неказнивоста на функционерите


Носителот на листа од Левица – Јована Мојсоска денеска во Ресен ја презентираше предизборната програма, при што посочи дека како партија на нова генерација политичари без криминален багаж, на овие избори настапува со своја антикорупциска Платформа, како единствен механизам против корупцијата која го разјадува македонското општество.
Антикорупциската платформа на Левица се темели на неколку клучни точки: Итно носење на Закон за потекло на имот на сите носители на јавни функции, од осамостојувањето до денес (1991–2024) – како lex specialis; Незастарување на кривичните дела поврзани со т.н. економски криминалитет и корупција извршени од страна на јавните функционери; Трикратно зголемување на рокот на застареност во Кривичниот законик за делата сторени од носителите на јавни функции, поврзани со т.н. службенички криминалитет; Проширена конфискација (кривична или граѓанска) на нелегално стекнатиот имот на досегашните владејачки структури и олигарси – не само од нив лично, туку и од нивни блиски роднини, пријатели/партнери или трети лица; Разрешување на судија по сила на закон на кој му застареле три предмета во кариерата и поради кои Република Македонија ќе изгуби спор пред Судот во Стразбур со цел ставање крај на партизацијата на судството.