Пендаровски: Никој разумен не може да се откаже од јазикот


Претседателот Стево Пендаровски денеска уште еднаш изјави дека македонскиот народ не може да се откаже од својот јазик без оглед какви биле притисоците. Во рамките на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ тој рече дека „научните аргументи и вистината се на наша страна и од нив никој разумен не може да се откаже“.

Според него, седум и пол децении од стандардизирањето на македонскиот јазик „интересно е дека негирањето не доаѓа од релевантни, светски лингвистички авторитети и институти кои за тоа прашање се имаат одамна произнесено, туку од одредени, најчесто политичко–академски кругови од нашето непосредно опкружување“.

Пендаровски нагласи дека „чинот на официјализирање и стандардизирањето на македонскиот јазик има своја долга предисторија во активностите и во делата на Ѓорѓија Пулевски, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Партениј Зографски и на други бројни културни дејци од 19 век за да кулминира со дејноста на Мисирков. Затоа и не случајно и Институтот за македонски јазик го носи неговото име. Секако, процесот немаше да биде завршен ако не беше Народно–ослободителната борба, ослободувањето од фашизмот и формирањето на македонската република како рамноправна федерална единица во тогашната Југославија“.

Тој му оддаде посебна почест на Блаже Конески и на неговите капитални трудови „Граматиката на македонскиот јазик“ и „Историјата на македонскиот јазик“ со кои се поставени цврсти темели за сите натамошни македонистички проучувања.