Пендаровски ќе се сретне со Македонците од Бугарија

На барање на ОМО „Илинден Пирин“ од Бугарија, претседателот на државата, Стево Пендаровски ќе прими нејзини претставници на средба, но датумот и терминот уште не се договорени. Нема најавена цел на посетата, ни теми на дискусија, ниту пак број на посетители – претставници на оваа организација кои ќе дојдат кај Пендаровски.
ОМО „Илинден Пирин“ е само една од организациите и здруженијата на македонското малцинство во Бугарија, но е најбројна, најактивна во поднесување тужби пред Европскиот суд за човекови слободи и права против неа и редовен победник во споровите.
Бугарските медиуми ја пренесоа веднаш средбата со оценка дека македонскиот претседател се среќава со „антиуставната партија“, нешто што според нив го избегнувал јавно досега иако бил критикуван од домашни политичари и организации.
„Пендаровски го направи овој потег една недела пред очекуваната средба меѓу бугарскиот премиер Кирил Петков и премиерот на Димитар Ковачевски. Петков прексиноќа во видео порака рече дека во Скопје ќе го постави прашањето за правата на Бугарите во РС Македонија. Во Софија последниве месеци се зголемени посетите на делегации кои ги претставуваат Бугарите во Македонија.
ОМО Илинден-Пирин беше регистрирана како политичка партија во 1999 година, но една година подоцна беше укината. Уставниот суд ја прогласи ОМО за неуставна политичка партија, бидејќи се бори за отцепување на дел од нашата држава. Пендаровски ќе види луѓе кои на почетокот сакаат целосна автономија на Пиринскиот регион, повлекување на бугарските војници од таа територија нарекувајќи ги ‘окупација’, распуштање на сите бугарски партии и организации и формирање Македонска православна црква независна од Бугарската православна црква.Организацијата од 2014 година пишува годишни „извештаи за правата на Македонците во Бугарија“, пишува весникот „Сега“.