Педесет нијанси сино: Фоторепортажа од Кипар
Цел живот се прашувате: Каде плови овој брод? Качете се на чартер летот за Кипар и откријте. Сте заслужиле да видите едно од најубавите места во светот
Кипар е летна приказна обоена во педесет нијанси на сино, која има почеток, а нема крај.
Ако се нурнете во проѕирното мирно море, во синото око против уроци кое ве гледа од секоја уличка на Никозија, Ларнака или Лимасол, или погледот ви лета, како бел галеб, кон небото, кон едрилица во далечина, или кон брановите што ги оставате зад себе. На бродот за крстарење или на бродот на животот.
Никогаш нема да ги заборавиме седумте дена прошетка и престој на најтоплиот остров на Медитеранот, трет по големина, Кипар (грчкиот дел), со моите колешки и колеги, како прва тура новинари по воспоставувањето на првиот директен дневен чартер лет од Скопје – Ларнака на 20 јуни, за сезоната 2023, кој ќе лета сѐ до 22 август. Летот трае неполни два часа, а патниците патуваат со авиокомпанијата „Балкан холидеј ер“ (Balkan Holiday Air).
Бевме поканети од туристичката агенција ЈК Травел, а бевме гости на Министерството за туризам на Кипар.
Како изгледа животот во сино на Кипар? Има најубав поглед на свет. Тишина ако се
искачите на врвот. Додека пловите, доле сино море чисто како солза, горе сино небо, бескрај прошаран со бели облаци. Во еден момент сфаќате дека можеби е тоа што го сакате и ви треба. Нешто малку, а едноставно, наспроти многу и комплицирано. Животот низ сина диоптрија ви го дава на дланка целиот свет ако сте подготвени да среќавате туристи , некогаш насмеани, некогаш нервозни, во двојка, со деца или со домашни миленици, храна на која не сте навикнале ама сакате да ја пробате или да сркнете добро кафе какво дома нема.
Да сонувате со отворени очи, да вдишете морски силен воздух, да гледате гушнати во
залезот на сонцето над морската шир како најскапа уметничка слика. Само вие или со најблиските, на ти со синилото околу вас, подалеку од очите на јавноста, со желба да не сретнете никој познат.
Цел живот се прашувате: Каде плови овој брод? Качете се на чартер летот за Кипар и откријте. Сте заслужиле да видите едно од најубавите места во светот.
Цела година лето
Средоземната медитеранска клима го прави Кипар едно од најтоплите острови со исклучително голем број на сончеви денови преку целата година, околу 340 сончеви денови. На целиот остров владеат топли лета, со просечна температура од 30 °C. Можете да се бањате и во ноември. Напролет целиот остров се прелива во бои на виножито, заради цвеќињата, некои уникатни само за Кипар. Налето е топло и влажно, како Анталија, ама е поефтин од Халкидики. Има песочни плажи и топло море како на Малдиви. Големи, мали, полни со врева и музика или со тишина. Нашите три шармантни водички, Србинката Ружица од Белград, која 24 години, живее и работи на Кипар, Мирја и Марија, велат дека Кипар има повисок стандард од Грција, со 900 евра просечна плата, па многу Грци налето доаѓаат да работат тука. Ама што се 900 евра, кога за едно идење во маркет ќе потрошите 200 евра, вели, пак, бугарска снашка која не послужи со студена лимионада за посетата на живописно селце во ридовите, кое крие богатство на чипка и изработка на сребро, заштитено и од УНЕСКО.
Спој на историја, култура и природни убавини
Кипар е живописен остров во Средоземното Море кој постојано го привлекува вниманието на илјадници туристи. Оваа област вешто ги комбинира урнатините на античките грчки храмови, остатоци од населби кои датираат од камено време, величествени византиски, па дури и готски катедрали. Нашата богата програма сакаше да ги видиме иконските места на островот.
Кипар е најголемиот од трите големи медитеранските острови. Со површина од 9250 квадратни. км. Сепак, не треба многу за да го преминете нагоре и надолу и да се погледнат сите атракции. Релјефот на островот е различен: песочни плажи и карпести гребени, долини и ридови, борови шуми и планински масиви.
Спаѓа во многу урбанизираните земји на Јужна Европа. Најголем дел од населението живее во пошироката градска зона на трите големи кипарски градови – Никозија, Лимасол и Ларнака. Чисти како солза, без бездомни кучиња, за кои се грижат во посебни стационари, но со многу мачки. Во Никозија како да сте се вратиле назад во минатото, во времето на Макариос, Ларнака е традиционална, а нас не воодушеви Лимасол кој го викаат и мал Дубаи со големите облакодери и цел центар покрај плажа и море.
Потеклото на името на Кипар има повеќе толкувања: од грчкиот збор за чемпрес – kyparissos, од грчкиот збор кану – kypros, или по латинскиот назив за бакар – Cuprum (Cyprium) чии рудници некогаш се наоѓале на Кипар. Островот Кипар е поделен на грчки и турски дел уште од 1974 година. Никозија или Лефкозија е најголем и главен град на Кипар, каде северниот дел на градот припаѓа на Турската република Северен Кипар, а поголемиот дел на Јужен Кипар.
Познати туристички места на Кипар се Пафос, Протарас и Аја Напа. Бидејќи долго време бил Британска колонија на Кипар се вози од левата страна. Дваесет проценти од островот се уште и припаѓаат на Британија. Остров каде се мешаат романтиката и одморот во релаксирачки природен амбиент.
Ларнака наречен и ,,душата” на Кипар е најстариот град на Кипар, со својата богата историја датира од пред 10.000 години. Централно поставена има многу лесен пристап до и од сите региони долж островот. Денес модерен космополитски град , подеднакво убав и како град и како ресорт. Задолжителна е прошетка низ најпознатата улица во Ларнака во строгиот центар на градот “Finikoudes”, посета на црквата Св.Лазар во стариот автентичен дел на градот во која се наоѓаат моштите на светецот, како и посета на Тврдината изградена за одбрана од пиратите која се наоѓа на самото пристаниште.
Лимасол е вториот град по големина на Кипар. Мештаните го нарекуваат и ,,Кипарска ривиера” поради пријатната клима, гостопримството и развиената туристичка инфраструктура. Лимасол е градот со најлускузни хотели, ресторани, кафетерии, барови, ноќни клубови и дискотеки, како и голем број на маркети. На местото на старото пристаниште се протега шеталиштето. Средновековниот дворец каде што англискиот крал Ричард ,,Лавовско срце” се оженил со Беренгарија од Навара, каде е и крунисана за кралица на Англија во 1191 г, се наоѓа во срцето на градот.
Никозија е главниот град на Кипар кој лежи на реката Педиео. Единствен град во светот кој е разделен на два дела и припаѓа на две држави. Се посетува и Северниот дел на градот, кој се наоѓа во Р.Турција. Старото име на градот е Ледра. Француските крстоносци не можеле или не сакале да го изговорат името Лефкозија , па затоа градот го нарекле Никозија. Ледра денес е името на напопуларната трговска улица во Никозија.
Аја Напа е можеби најпопуларен туристички центар на Кипар, со многу сонце, кристално чисто море и прекрасни пејзажи. Некогашно мало, рибарско село, денес е престижен туристички центар. Друго име му е и „втора Ибиц“ за сите кои сакаат море, спортови на вода и активен ноќен живот. Бројните ресторани, барови, дискотеки и тренд клубови работат скоро непрекинато, па се препорачува пред се на помладите, но секако дека има места и за помирен и опуштен одмор. Ја красат широки, песочни плажа, од кои најпознатите се Golden Beach – долга 1 км и Nissi Beach – долга 2 км.