Патриотизмот во 21 век: Македонија помеѓу Босна и Германија!


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Наместо откажување од патриотизмот, одговорното политичко водство треба да конструира и афирмира интегративен патриотизам соодветен за 21. век

 

Додека ја пишувам колумнава на една од телевизиите тече дебата за една од горливите национални теми – нашиот наспротив бугарскиот концепт за македонштината. Како да има само еден единствен бугарски и само еден и единствен наш, македонски концепт за прашањето за националноста, на пример, на Гоце Делчев, или за националната сопственост над македонскиот јазик и други слични прашања. Дека не е така, дека општествените, историските и конкретно идентитетските теми се отворени за различни концептуализации можевме да се уверивме и од отвореното писмо на групата бугарски интелектуалци против меморандумот на нивната влада со кој се условува почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.

Тоа покажува дека како што нема една и единствена македонска така нема ниту една и единствена бугарска концепција во однос на македонскиот идентитет. Во врска со тоа се прашувам дали застапниците на алтернативните вистини за македонскиот идентитет кај нас и во Бугарија, но и општо се помалку патриоти од  гласноговорниците на официјалните вистини? Всушност, прашањето ми е за местото на патриотизмот во политиката во 21. век кај нас и во светот.

Како и за многу други нешта така и за оваа граѓанска и политичка вредност кај нас има крајно спротивставени сфаќања. На една страна, наши политичари се докажуваат како поголеми патриоти од нивните конкуренти (пример, расправата меѓу Зоран Заев и Крсто Јовановски за тоа кој е поголем патриот, а кој предавник, или меѓу Ивон Величковски и Александар Пандов за тоа дали „бомбите“ беа патриотски или предавнички политички активности). На друга страна, судејќи според неговите статусни одлики – професор, амбасадор, ректор, кандидат  за претседател на Републиката – еден репрезентативен претставник на транзициска сдсмовската политичка класа убедува дека патриотизмот во 21. век е назадна тема. Спротивно на тоа, претставниците на македонската етнонационалистичка политика докажуваат дека патриотизмот не само што не е  демоде политика, туку дека македонизмот не е помалку важен од европеизмот. Уште повеќе тие во рамките на својата партија установија и Патриотски институт.

Ваквите противречни ставови кон овој исклучително важен идеолошко- политички ориентир ги слуша и прима широкото граѓанство. Резултатот од тоа ќе го илустрирам со податок добиен од најновото европско истражување на вредностите. Кај нас ова истражување по втор пат го спроведе тим од Филозофскиот факултет – најстарата членка на УКИМ која во оваа јубилејна 100-годишнина ги прославува своите постигања. Токму на овој факултет се формираат кадрите кои, како и во сите земји, се најодговорни за обликувањето и пренесувањето на национална самосвест и гордост.

Прашани колку гордо се чувствуваат како граѓани на Република Македонија 15,1 отсто од испитаните не се чувствуваат многу горди и 9,5 проценти воопшто не се чувствуваат горди. Вкупно, значи 24,6 отсто не се чувствуваат гордо што се граѓани на оваа држава. А гордост со државата во која се живее е еден од темелните елементи на патриотизмот и опстанокот на државата. Споредбено со другите нации во регионот, помала гордост со својата држава од македонските покажуваат само граѓаните на Босна – 26 отсто Босанци не се чувствуваат гордо на Босна и Херцеговина. Според овој критериум, Босна е земја со најслаб патриотизам на своето граѓанство.

Ваквите податоци наведуваат на размисла дека патриотизмот е тесно поврзан со меѓуетничките односи во земјата. И во тоа има вистина. Но, етничката хетерогеност, сама по себе не е доволен фактор да се објасни нискиот степен на гордост со сопствената држава. Покрај тоа особено важен фактор е научениот однос кон државата на која се припаѓа. Добар доказ за тоа е податокот дека по македонските граѓани следна европска земја со така ниска национална гордост е Германија. Дури 21,5 отсто германски граѓани се искажуваат како не многу горди или како воопшто не горди што се граѓани на Германија! Етничките фактори и во овој случај имаат нешто да кажат, но се чини поважно е наследството од програмите за денацификација кои како официјални образовни други политики се спроведуваа во децениите после втората светска војна.

Денешна Република Северна Македонија е наследничка на успесите на антифашистичкото движење, исто како и Босна. Значи слабиот патриотизам на босанските и македонските граѓани произлегува од други реалности, различни од германските. Факт е дека и во вака слабо национално интегрирани земји мнозинството граѓани имаат патриотски чувства. Патриотизмот и денес во Европа и светот претставува легитимна идеолошка и политичка референца како за политичарите така и за граѓаните. Социологијата на патриотизмот укажува дека денес разбирањето и доживувањето на гордоста со сопствената држава варира од еден во друг контекст.

Тој никако не ја поништува ниту политичката ниту секојдневната релевантност на патриотизмот. Напротив, ја истакнува потребата од допуштање на повеќе различни „патриотизми“.

Според сознанијата на истражувачите на т.н. „патриотизам оздола“ патриотизмот во 21. век не се потпира исклучиво на традиционалните форми на приврзување за националната душа и херојска историја туку се храни од динамиката на современите општествени процеси.  Патриотизмот во 21. век не е ексклузивно обликуван од колективизмот на оваа или онаа тоталитаристичка политика туку и од самиот либерализам. Уставниот патриотизам, на пример, на Германецот Јирген Хабермас ги подразбира различните индивидуални и групни аспирации и форми на колективен идентитет. Тие се остваруваат во услови на отворен пазар на стоки, услуги и идеи.

Патриотизмот е еден вид резидуална идеја. Ако таа се отфрли од државата како демоде или заостаната идеја од минатото, неа ќе ја негуваат граѓаните. Баналноста на секојдневното човечко, малограѓанско живеење ќе се обликува во банална граѓанственост, а оваа пак во т.н. банални национализми. Затоа, наместо откажување од патриотизмот, одговорното политичко водство треба да конструира и афирмира интегративен патриотизам соодветен за 21. век.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)