Патетика околу химната


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Доцнеше ли делегацијата, ѝ фалеше ли нешто на гардата, потфрли ли протоколот или за грчките уши беше неприфатлива химната на државава чии зборови не можеа да претрпат историска ревизија – ќе остане необјаснето и по објаснувањата вчера од Владата. Оваа мала протоколарна епизода, која немаше ни да се забележи да беше делегација од друга земја, потсети на каква кревка основа почива нормализирањето на односите меѓу нашата држава и Грција и уште „колку леб треба да изедеме“ за да може и наш функционер и грчки владин претставник да дојде во посета – а да не се плаши дека со еден гест или потег повторно ќе ги расипе односите меѓу двете држави.

Практично, досега немаше посета на грчки функционер во Скопје или на наш во Атина, а проблем да не е кое име на државата ќе се употребува, при што ниту грчките домаќини велеа БЈРМ, ниту нашите велеа Македонија и заемно се толерираа. И грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас за време на првата посета имаше проблем со таблата во МНР пред која требаше да се одржи прес-конференцијата, а уште повеќе кога еден од грчките новинари додека прашуваше ја нарече нашата држава Македонија. Проблем, според грчките новинари, беше и адресата на МНР, булевар „Филип Втори Македонски“, а минско поле за грчките функционери е само идејата да ги разгледаат спомениците од Скопје 2014. Голем проблем за грчките делегации е и да се споменат припадници на македонското малцинство во нивната земја, покрај тоа како ќе го наречеме Солун и другите градови за кои имаме паралелни имиња. И, ова не е сè што има потенцијал да расипе посета на грчка делегација во сегашната Северна Македонија, како и посета на наша делегација во Грција.

Затоа реакцијата на јавноста околу несвирењето на химната пред грчкиот премиер Алексис Ципрас е барање влакно во јајце, па и национална патетика по три децении исполнети главно со проблеми меѓу двете држави. Тоа е глумење како да сме дошле од друга планета, па не ни се јасни лимитите во односите. Најнавредени се, притоа, тие што не го ни поддржуваат договорот од Преспа, без кој немаше ни да има шанса да свириме химна пред ваква грчка делегација каква што неделава престојуваше во нашата земја, пред првиот грчки премиер што собра сила да дојде и првиот кој јавно го отвори прашањето за најтешкото поглавје од грчко-македонската историја. Талентот од историска вест, каква што беше посетата на Ципрас, да се направи негативна, е типична реакција на претставници на нација кои не веруваат во себе ниту во силата на својата држава да направи позитивна промена, па и успехот можат да го видат само како пораз. Уште повеќе што Преспанскиот договор не ја ни спори државната химна, а дали Ципрас може да си дозволи да биде пречекан со неа или не, ниту ја намалува ниту ја загрозува нејзината вредност за нас и употребата во друга пригода.

Затоа, она што ќе остане како поважно од престојот на Ципрас во Македонија е чувството дека еден грчки премиер првпат плаќа политичка цена за да ги нормализира односите со нашата држава и прави огромни напори вистински да ги смени односите, за што ние треба да му дадеме поддршка. Дека отвори врата за голема економска соработка и за подобро инфраструктурно поврзување кое ќе донесе многу бенефити за граѓаните од двете страни на границата. Дека ја промовираше Грција во наш поддржувач место кочничар и дека бара европски, цивилизациски и прагматични решенија за преостанатите отворени прашања што треба да ги решат заедничките комитети. Дека зборува со јазик досега нечуен од Грција и дека искрено не гледа непријател во нашата држава. Дека е подготвен да оди подалеку од тоа што му дозволува политичката клима во земјата, но нереално е да очекуваме дека заради нас ќе заборави на политичките сензитивности на граѓаните што треба да ги застапува. Накратко, ако цената на добрите односи беше да не се свири химната во овој предизборен период во Грција, подобро да си молчиме бидејќи може некој друг грчки лидер и од неа да направи тема и отворено прашање. Уште повеќе што протоколот не предвидува задолжително свирење химна при посета на премиерите, па Ципрас треба да биде навреден што ја немаше, а не ние. И што униформите на гардистите, неофицијално, сè уште не се сменети и на нив стои старото име на АРМ што треба да го снема со Преспанскиот договор. Го сакале или не Преспанскиот договор, тој е потпишан и Ципрас од нас очекува да се испочитува, за да може со чист образ да оди во Грција и да каже дека направил фер компромис за кој вреди да се плати цена.