Партијата за демократски просперитет на Ромите со поддршка за Пендаровски во вториот круг
Партијата за демократски просперитет на Ромите во вториот круг ќе го поддржи кандидатот за претседател од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски. Ова синоќа од Делчево го истакна претседателот на ПДПР Аксел Ахмедовски, кој на прес-конференција рече дека одлуката е донесена по заедничката средба со потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски.
-Од средбата со потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски и од извршените консултации со формираните општински организации на Партијата за демократски просперитет на Ромите и од извршената анализа на терен, ПДПР на својот централен одбор донесе одлука, во вториот круг од претседателските избори да го поддржи кандидатот за претседател Стево Пендаровски. Ја користам оваа прилика да ги повикам нашите симпатизери, целото наше членство и сите Роми во Република Северна Македонија да го дадат својот глас за кандидатот Стево Пендаровски, рече Ахмедовски.
По одржаната прес-конференција, Партијата за демократски просперитет во Делчево во присуство на потпретседателите на партијата, ги избра членовите на извршниот одбор на партијата за општина Делчево, при што за претседател на општинската организација на ПДПР во Делчево беше избран Зенил Ибраимов.