Паркот на природата „Езерани“ плени со својата разновидост и убавина


На северниот дел од Преспанското Езеро на површина од 1917 хектари се протега паркот на природата „Езерани“. Подрачјето е дел од листата значајни орнитолошки локалитети, растителни подрачја и е на Рамзарската листа на најзначајни водни живеалишта во светот. За строг природен резерват е прогласен во 1996 година од страна на Собранието на Република Македонија со Законот за заштита на локалитетот Езерани. Со Законот за прогласување на локалитетот „Езерани“ на Преспанското Езеро за Парк на природата, повторно е прогласен на 17 февруари 2012 година.

Заштитеното подрачје се простира меѓу селото Асамати и населбата Сир Хан. Административно припаѓа на Општина Ресен. На подрачјето доминираат природни или малку изменети блатни екосистеми, кои зафаќаат површина од околу 2000 хектари.

Со строгиот природен резерват се управува на начин со кој се обезбедува зачувување на живеалиштата, екосистемите и видовите во природна состојба, одржување на генетските ресурси во динамична и еволутивна состојба, на природно воспоставените еколошки процеси, заштита на структурните пределски карактеристики и автентичната природа заради научни студии, мониторинг или образовни цели, намалување на нарушувањата во природата преку грижливо планирање и спроведување научни истражувања и други дозволени активности и ограничување на пристапот на јавноста.

Богатиот биодиверзитет на „Езерани“ поседува карактеристики значајни на светско ниво

Преку програмата за развој при Обединети нации (УНДП) со финансиска поддршка од Швајцарската Агенција за Развој и Соработка – СДЦ направена е студијата за ревалоризација на Езерани и брошура за вредностите на подрачјето.

Една од целите, како што истакна координаторот на проектот Никола Здравески, била да се помогне Министерството за животна средина и просторно планирање за репрогласување на ова заштитено подрачје и да се направи целокупна проценка на вредноста на биолошката разновидност на подрачјето и социо-економските придобивки, што ги овозможува за локалните заедници, кои егзистираат и се наоѓаат во негова близина.

– Паркот на природата „Езерани“ е првото заштитено подрачје, кое во 1998 година ја стави државата на листата на заштитени подрачја од меѓународно значење, посебно Рамсарската Конвенција, која се однесува на водни живеалишта од меѓународно значење. Подрачјето со своите вредности претставува таканаречена „жешка точка“ за биодиверзитет, како за нашата држава, така и за пошироко на ниво на Балканот, бидејќи овозможува живеалиште на над 40 проценти заштитени и загрозени растителни видови, појаснува Здравески.

Богатиот и релативно добро зачуван биодиверзитет на ПП Езерани, особено во контекст на целото Преспанско Езеро, додаде, поседува карактеристики значајни на светско, европско и регионално ниво. Тоа се гледа во специјалниот статус што го ужива Преспанското Езеро, заедно со Малото Преспанско Езеро во соседните замји – Грција и Албанија, прикажан преку неговото назначување како значајно подрачје на различни меѓународни листи.

Паркот на природата „Езерани“ значително придонесува за вредноста на целиот преспански регион од аспект на биодиверзитетот. Таа вредност, според студијата на УНДП, е признаена од трите држави што ја делат Преспа и како резултат на тоа во 2000-та година е потпишан меморандум од страна на премиерите на Албанија, Грција и Македонија за формирање на прекуграничниот парк „Преспа“, кој ги зафаќа двете природни Преспански езера (Големо и Мало) заедно со нивното сливно подрачје.

Природни еко системи богати со флора и фауна

Паркот на природата „Езерани“ располага со богати екосистеми. Тој е дел од значајното подрачје за птици на Пресанското Езеро, како и значајно растително подрачје, како за водни, така и за блатни живеалишта. Во него се регистрирани: езерски, речни, блатни, тревести, шумски, агроекосистеми (овоштарници, рибници) екосистеми. Сите содржат заедници карактеристични со својата разновидност.

На територија на заштитеното подрачје регистрирани се над 147 видови васкуларни растенија (папрати и цветници) меѓу кои и такви, кои имаат ограничено распространување во Република Северна Македонија. Инсективорното растение воденичарче е забележано само во „Езерани“. Меѓу ретките растенија се и водната папрат и водниот костен, а има и 48 видови ендемични дијатомејски алги, од кои 15 се среќаваат само во Преспанското Езеро, додека другите го населуваат и Охридското Езеро. Богатата фауна на Преспанското Езеро се одликува со присуство на голем број локални ендемити – видови, кои се присутни само во езерото, вклучително и делот кој се наоѓа во границите на ПП Езерани, меѓу кои е преспанскиот сунѓер.

Во големото и во малото Преспанско Езеро регистрирани се 19 видови риби, од кои осум се ендемични, а 11 донесени. Во Паркот на природата „Езерани“ се среќаваат седум ендемски видови, кои живеат само во Големото и Малото Преспанско Езеро и тоа преспански: гомнушка, белвица, скобуст, штипалка, шлунец, грунец и кленот.

Во заштитеното подрчаје утврдено е присуство на девет видови водоземци и 14 видови влечуги, што претставува речиси 50 отсто од македонската херпетофауна. Од водоземци може да се сретнат македонскиот мрморец, балканскиот мал мрморец и жолтиот мукач, а од влечугите ридската желка, степската гуштерица, македонската гуштерица и големиот зелен гуштер.

Во македонскиот дел од Преспанското Езеро регистрирани се 216 видови птици што укажува на исклучителното значење на ова заштитено подрачје за орнитофауната на Македонија и пошироко. За околу 100-на видови постојат конкретни податоци за присуство во Паркот на природата „Езерани“, а меѓу нив се вбројуваат четири со статус на засегнат вид на глобално ниво вклучувајќи го и кадроглавиот пеликан. Голем број од птиците во Преспа се наведени во листите на Директивата за птици на ЕУ. Од другите заштитени видови познати се црногушестиот морски нуркач, ушест нуркач, мал корморан, бел пеликан, далматински (кадроглав) пеликан, мал воден бик, ноќна чапја, мала бела чапја, пурпурна чапја, бел и црн штрк, блескав ибис, чапја лажичарка, фламинго, жолтоклун лебед, ….

Од потврдените 31 вид цицачи, 10 видови се од европско значење, од кои шест се со приоритет за заштита и за нив треба да се назначат заштитени подрачја – Натура 2000 подрачја, а два се балкански ендемити. Пет вида се заштитени со Законот за заштита на природата, од кои видрата и кафеавата мечка имаат статус на строго заштитен див вид. Директивата за зачувување на природните живеалишта на дивата фауна и флора на Европската унија обезбедува заштита на 12 вида, кои се среќаваат во ПП Езерани. За осум од нив клучните живеалиштата се прогласуваат како заштитени подрачја од еколошката мрежа Натура 2000: бласиев, јужен, голем и мал потковичар, остроушест ноќник, долгокрилест лилјак, кафеава мечка и видра.