„Пари“: Хотел „Русија“ се отвора за првите гости – Македонијатурист најавува целосна обнова
Хотел „Русија“ ги отвора вратите за првите гости. Новиот сопственик – Македонијатурист има договори со реномирани туристички агенции и нивната реализација почнува веднаш, велат од менаџментот во изјавата за порталот Пари. Паралелно ќе се спроведуваат и активностите со кои ќе се врати целосниот сјај на хотелот лоциран во рамките на спортско-рекреативниот центар „Јане Сандански“ во скопски Аеродром.
„Реновирањето ќе се изведува етапно. Почнуваме со СПА-центарот. За три до четири месеци ќе го пуштиме во употреба“, велат од Македонијатурист и најавуваат дека следниот чекор ќе биде обнова на популарниот „Скај бар“.
Од компанијата нагласуваат дека комплетно ќе го уредат хотелот:
„По СПА-центарот и барот, ќе ги реновираме и собите. Спрат по спрат, како што ќе овозможуваат условите за сместување“, велат од менаџментот, и нагласуваат: „Сконцентрирани сме на зголемен капацитет на хотелско-угостителскит услуги и во Скопје и низ Македонија, и очекуваме зголемување на приходите на Македонијатурист“.
Хотелот беше затворен на први мај годинава, а пред тоа Пари ја објави информацијата дека се откажани сите резервации за престој и прослави, и дека се враќаат уплатените средства.
„Русија“ е првата голема македонска инвестиција на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Изграден е во 2014 година и оттогаш угости голем број спортски тимови и гости. Со текот на времето, се менуваа и реакциите на луѓето што престојувале во хотелот, а во последните месеци пред затворањето укажуваа на запуштеност и опаднат квалитет на услугите.
„Ќе го обновиме хотелот и целосно ќе му го вратиме сјајот“, истакнуваат од Македонијатурист, пишува порталот Пари.