Парафискалните давачки влијаат врз конкурентноста на фирмите

Неопходна е дигитализација која ќе овозможи поголема ефикасност и транспарентност на парафискалните давачки, но главниот предизвик е интероперабилноста, односно размената на податоци на институциите и нивната централизација


Парафискалните давачки и натаму претставуваат товар за бизнис – секторот, особено кај микро и малите претпријатија, што влијае и на нивната конкурентност. Тоа ја наметнува и потребата од нивно рационализирање, воспоставување на државен регистар на такси и парафискални давачки, определување на нивната цена, приспособување на износот во зависност од големината односно потенцијалот на компанијата и тн.

За три години бројот на парафискални давачки во земјава се зголемил за 18,5 отсто за правните лица и за 25,7 отсто за правни и физички лица, покажа истражувањето што го спроведе економскиот институт Фајнанс тинк што беше презентирано денеска во Скопје.

Така, во 2022 година од Министерството за информатичко општество и администрација биле регистрирани вкупно 250 парафискални давачки за правните лица како и 323 за правни и физички лица, што значи дека во однос на 2019 година бројот на неданочни плаќања и парафискални давачки бил зголемен за 39 за правните лица, а за физичките и за правните лица за повеќе од 66.

Истражувањето покажа дека 95 отсто од неданочните плаќања и парафискални давачки се меѓу 50 денари и 61.700 денари, иако има и такви кои што во просек изнесуваа и над 200 илјади денари (кај Агенцијата за цивилен воздушен сообраќај), па се до над 591 илјада денари кај Министерството за финансии.

Овие податоци, меѓу другото беа и повод за денешниот економски форум под наслов  „Парафискални давачки: мало делче од сложувалката на конкурентноста“ во организација на Институтот за економски политики и развој „Фајнанс тинк“ на кој во фокусот беше темата дали парафискалните давачки се кочница за конкурентноста.

Според учесниците на форумот, пред цената е времетрањето потребно да се дојде до некоја услуга, поради што како еден од приоритетите беше посочена дигитализацијата што ќе овозможи и зголемена транспарентност. Исто така, како една од главните слабости беше посочен и недостигот од размена на податоците меѓу институциите, односно потребата од нивна централизација, со цел администрирањето да биде што поефикасно.

„Парафискалните давачки сѐ уште се умерено голем товар за компаниите и бизнис секторот иако микро и малите компании овој товар го чувствуваат многу повеќе во споредба со големите компании“, истакна Благица Петрески, главен економист во „Фајнанс тинк“.

Таа посочи дека административниот товар на поднесоци, корекции, комуникации со институциите е значајно поголем товар во споредба со финансискиот.

Иако резултатите на истражувањето покажаа дека зголемувањето на парафискалните давачки кон институциите на централно ниво е забавено, сепак земајќи предвид дека крајната цел е оптимизација на овие давачки, треба детално да се испита дали станува збор за нови давачки или истите дополнително биле верифицирани.

Петрески вели дека на локално ниво бројот на парафискални давачки е умерен и се движи од осум до 15 иако генерално административниот товар е поголем во однос на финансискиот товар, слично и на централно ниво. Меѓутоа, една од работите која што се посочува е непредвидливоста на бројот на новововедени парафискални давачки.

„Она што треба да следи е процесот на оптимизација која што е во рана фаза и истата треба да опфати неколку форми: освен кратење на парафискалните давачки како најпопуларна форма постојат и други форми каде што може да се зголеми контра услугата која што ќе ја добијат компаниите за она што тие плаќаат, но исто така може да имаме спојување на парафискалните давачки или да се зголеми наменското трошење на средства, како што е на пример за еколошките дозволи, па намената на средствата платени за еколошките дозволи на пример или градежни дозволи да биде за таа цел – за уредување на градежното земјиште или за подобрување на екологијата“, вели Петрески.

Таа истакна дека една од формите која што е најпопуларна и на краток рок е најпрепорачлива е дигитализацијата на поднесоците.

Според претседателката на Комората за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Анета Антова Пешева, дигитализацијата може лесно да се спроведе. За неа поголем предизвик е интероперабилноста, односно централизацијата на податоците.

„Мора сите податоци да ги ставиме во еден регистер“, рече Пешева додавајќи дека во сегашни услови размената на податоци меѓу институциите е тешка, се прави непотребно дуплирање.

Таа истакна дека кај фирмите инженерите не се проблем, и тоа може брзо да се направи, но за разлика од нив, кај општините голем недостиг на инженери и дека ваквата состојба може да се подобри само со нивно соодветно вреднување.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека се мапирани речиси сите 377 парафискални давачки согласно критериумите и се работи на нивно намалување или спојување.

„Помала важност и се дава на сумата на одредена давачка, важноста се повеќе се дава во делот на спојувањето на одредени давачки за да стигне, за да добиеш одредена услуга или документ отколку на тоа колку чини. Значи, треба да се работи на дигитализација, на спојување и секако за одредени давачки и на намалување ако е тоа потребно. Ние имаме конкретни податоци во делот на сумата и колку е оптоварувањето кон бизнисот, но и не само кон бизнисот, тука може да биде и кон граѓаните во делот на давање услуги и една од главните теми денеска беше како тоа да се оптимизира, рационализира“, вели Бектеши.

Тој рече дека во моментот во се работиме на првите 100 од 377 парафискални давачки кои се веќе мапирани.

Тој подвлече дека се знае точно што е парафискална давачка.

„Или не е предвидена да се плаќа согласно закон или не е фискална давачка или може да биде и двете и во таков случај одредени институции, повикувајќи се на нивни правилници кои ги утврдуваат подзаконски акти и слично за одредена услуга ставаат цена на услугата што би чинела“, реча Бектеши.