Папата Лав Шеснаесетти им порача на младите католици дека тие се знак дека е можен поинаков свет

Папата Лав Шеснаесетти денеска пред повеќе од еден милион припадници на католичката младина во Ватикан, на завршна миса на неделниот собир со следната генерација верници, рече дека тие се „знак дека е можен поинаков свет во кој конфликтите можат да се решаваат со дијалог, а не со оружје“.
Посебната прослава „Јубилеј на младоста“ е дел од Светата година, за која се очекува да привлече 32 милиони луѓе во Ватикан на аџилак. Ватикан соопшти дека денеска биле присутни повеќе од милион млади луѓе, заедно со 7.000 свештеници и 450 бискупи.
Во својот завршен благослов за Јубилејот на младоста, папата потсети на младите луѓе од Газа, Украина и другите земји во војна кои не можеа да се придружат на нивната прослава.
– Повеќе од кога било сме поблиски до младите луѓе кои страдаат од најсериозните зла, кои се предизвикани од други луѓе, рече тој.
За време на денешната проповед, Лав Шеснаесетти ги повика учесниците да „го шират ентузијазмот и сведоштвото на својата вера“ кога ќе се вратат дома во околу 150 земји. – Мои млади браќа и сестри, вие сте знак дека е можен поинаков свет. Свет на братство и пријателство, каде што конфликтите не се решаваат со оружје, туку со дијалог, рече тој.
Папата ги потсети собраните дека нивната следна средба ќе биде за време на Светските денови на младите, закажани од 3 до 8 август 2027 година, во Сеул, Јужна Кореја.