Паника во САД, четврта жртва по употреба на капки за очи, уште 14 лица ослепеле


 

Четврто лице почина во САД откако се зарази со бактеријата Pseudomonas aeruginosa отпорна на лекови, поврзана со капките за очи.

Ова го потврди Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), а дури 14 неодамнешни случаи на губење на видот и уште четири случаи на енуклеација или хируршко отстранување на очното јаболко се поврзани со оваа бактерија пронајдена во капките. 

Агенцијата досега пријавила 81 лице во 18 американски држави со низа симптоми предизвикани од бактеријата Pseudomonas aeruginosa. Набргу по предупредувањето, производителот ги отповика капките EzriCare, производ без конзерванси што се продава без рецепт и кој го користеле многу заразени пациенти.

Една жена од Флорида ги тужела откако лекарите морале да и го отстранат едното око поради тешко воспаление. Нејзината адвокатка Наташа Кортес смета дека бактеријата се развила затоа што немало конзерванси во капките. ЦДЦ првпат предупреди за проблемот во јануари оваа година. Објави дека пациентите кои страдаат од инфекции со Pseudomonas aeruginosa пријавиле дека користеле повеќе од 10 видови вештачки солзи, но ниту една толку често како EzriCare. Затоа некои други производи за очи се извлечени од полиците.

Повеќето од пациентите кои дошле на лекар поради болки во очите, исцедок, црвенило, заматен вид и други симптоми користеле капки за очи и вештачки солзи.

Pseudomonas aeruginosa е агресивна бактерија која се наоѓа низ околината, вклучувајќи вода, почва и човечки отпад. Експертите велат дека може да навлезе во капки за очи преку контаминација со супстанции од животната средина при ракување. Бактеријата е отпорна на повеќето антибиотици, пишува Вашингтон пост.