Падна владата на Холандија, два месеци пред изборите
Четирите коалициски партии кои ја формираат холандската влада на премиерот Марк Руте, во петокот (15 јануари) се согласија да ја остават владата да падне. Парламентарните избори во Холандија треба да се одржат за два месеци, на 17 март. Во петокот Руте требаше да се сретне со холандскиот крал за да му понуди оставка – иако владата ќе остане како привремен кабинет до изборите во март.
Падот на владата беше предизвикан од извештајот на парламентарниот истражен комитет за скандалот со додатоците за деца. Комитетот утврди дека според одлука на поранешна влада, исто така предводена од Руте, даночните инспектори обвинија илјадници семејства за измама за исплати за издршка на дете. Некои од овие семејства мораа да вратат големи суми пари – што многумина ги втурна во сиромаштија. Сега се чини дека тие обвинувања биле лажни. Иако сите страни се согласуваат дека овие семејства сега треба да бидат обештетени, овој скандал е многу повеќе отколку компензација.
Министерката за надворешна трговија и развој на соработка, Сигрид Каг (која ја предводи изборната листа на левичарската либерална партија Д66), рече дека треба да се врати довербата во институциите бидејќи „владеењето на правото е нарушено“. Планирана е парламентарна дебата за вторник, каде пратениците ќе гласаат за предлог-доверба на владата. Несигурна за резултатот од ова гласање, владата во петокот одлучи да не чека и да го урне третиот мандат на Руте.
Според холандскиот пропорционален изборен систем, секоја партија има една национална листа. Нивниот кандидат број еден е лицето на партијата, и нивен кандидат за премиер. Тековниот скандал, два месеци пред изборите, создаде политички тешкотии за неколку партии. Лидерот на опозицијата и прв на листата на социјалдемократската партија ПвДА, Лодевајк Ашер поднесе оставка како кандидат на изборите. Тој беше одговорен министер во втората влада на Руте, кој одлучуваше за мерките за додатоци за деца.
Оваа одлука ја отежна ситуацијата на Руте да не се повлече од функцијата премиер. Руте е кандидат број еден на десно-либералната партија ВВД на изборите. Не е јасно дали тој самиот ќе поднесе оставка како кандидат. Христијанските демократи (ЦДА) го имаат истиот проблем. Нивниот кандидат, Вопке Хекстра, е актуелен министер за финансии и со тоа е директно вмешан во скандалот.
Пратениците од опозицијата рекоа дека падот на кабинетот беше неизбежен. „Ова не е крај, туку почеток“, рече Лилијан Марајнисен, лидер на Социјалистичката партија. Лидерот на Зелените, Џеси Клавер, рече дека одлуката е единствената правилна во околностите. „Ова е моментот во кој ќе започнеме со обнова на социјалната држава“, рече тој. „И оној во кој владата уште еднаш им верува на своите граѓани“.
Во 2002 година, холандската влада на Вим Кок поднесе оставка еден месец пред изборите, откако извештајот покажа дека холандската армија има одговорност во масакрот во Сребреница во 1995 година. На изборите што следеа по оставката на владата, владејачките партии ПвдА, ВВД и Д66 загубија многу. (Според агенциите)