Пад од 25 отсто на резервациите на Кипар за летниот период
Моменталната исполнетост на хотелите за летото е околу 40 – 50 отсто, додека во 2025 година изнесуваше 75 проценти, рекол генералниот директор на Здружение на хотелиери на Кипар Христос Ангелидис за кипарската новинска агенција ЦНА, посочувајќи дека резервациите на Кипар за летниот период, досега се за 25 отсто пониски во споредба со истиот период лани, јави дописничката на МИА од Атина.
Ангелидис потсетил дека минатата година беше рекордна за кипарскиот туризам, а во јули пополнетоста достигнала и 95 проценти,
– Нивото на резервации се зголемува со многу бавно темпо, што не дозволува да се создаде чувство на сигурност дека може да се промени состојбата со откажувања од изминатите два месеци за остатокот од летото. Ова нè загрижува. Го следиме внимателно, посочил генералниот директор на Здружението.
Дополнително додал дека зголемувањето на цената на керозинот создава загриженост кај авиокомпаниите околу тоа кон кои дестинации ќе ги интензивираат летовите за да бидат попрофитабилни, оценувајќи дека „Кипар не е меѓу тие дестинации“.