Зеленски од Ереван: Украина бара единствен европски глас и место на преговарачката маса


Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Европа треба да настапува со единствен глас и да учествува во евентуалните мировни преговори со Русија.

– Одржуваме контакт со САД и ги разбираме нивните ставови и позиции. Но, би било добро да оформиме заеднички европски глас – изјави Зеленски на Самитот на Европската политичка заедница во ерменската престолнина Ереван.

– Мора да најдеме функционален дипломатски формат и Европа мора да биде на масата при какви било преговори – додаде тој, повторувајќи ги повиците за дополнителни механизми за поддршка на Киев, како што е иницијативата на НАТО – „Листа на приоритетни потреби на Украина“ (PURL). Украинскиот претседател истакна и дека е потребно фокусирање на чекорите што би се презеле доколку Русија не ја запре војната.

Зеленски преку социјалната мрежа „Икс“ соопшти и дека со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се договорил за забрзување на работата на договорот за дронови со Европската Унија.

„Се договоривме активно да го придвижиме договорот за дронови со ЕУ и ги разгледавме деталите за ова перспективно безбедносно партнерство“, напиша Зеленски.