Јаневска призна: Нема учебник за секое дете, а се потрошиле 11 милиони евра


 

Со недели наназад, министерката за образование Весна Јаневска уверува дека годинава, сите ученици од прво одделение, до четврта година средно образование ќе имаат учебници и дека оваа Влада го овозможила тоа, како ниедна друга пред тоа.

Но, денеска признава дека прблеми има и тоа со повеќе учебници, за повеќе различни одделенија, а осмоодделенците пак, кои останаа да учат по старата програма (онаа од пред реформите на Царовска, затоа што Јаневска лани одлучи да не ја спроведе реформата на својата претходничка за генерациите од седмо до деветто одделение) немаат никаков учебник за историја, оти тој е повлечен уште пред шест-седум години. Токму генерацијата осмоодделенци се соочува со најголем број недостојни учебници, затоа што тие се печатени пред повеќе од 10 години, а нивното предавање од генерација на генерација, досега два пати ги амортизирале (законски учебникот има живот од пет години).

На денешната прес-конференција во МОН, каде се презентираше нов Водич за воведување вештачка интелигенција, Јаневска призна дека, сепак, учебник за секое дете, не успеа да овозможи ниту оваа влада.

Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со учебниците, најпрво го истакна она што и не е нејзина заслуга, дека поплаките за квалитетот или да недостасуваат страници во учебниците нема од  прво до трето одделение. Тоа е вистина, затоа што овие ученици секоја година добиваат нов комплет учебници, уште од воведувањето на новата програма пред шест години.

 -Во четврто одделение навистина има проблем со учебникот по математика, за што министерството за образование и наука ќе се обиде да го реши, колкушто може да им дозволи законот. Во петто одделение имаат нов учебник по Историја и општество, во шесто одделение имаат нов учебник по Историја ( и овој беше повлечен само што излезе и служеше за историја и за географија – во него беа грешките од типот дека Монт Еверест е висок 29.000 метри и дека на исток од Македонија е Албанија). Седмо одделение цела генерација добиваат комплетно нови учебници по сите предмети (затоа што оваа генерација деца учат по новата програма изработена од тимот на Јаневска). Осмо одделение предизвик е учебникот по историја. Учебникот по историја одоборен од минатите Влади е повлечен 2018-2019 година од МНР поради барањето на мешовитата Комисија бугарско-македонска. Зошто пет години, никој од претходните министри не презеле нешто, во правец за учебникот за осмо одделение не можам да кажам, ќе мора да ги прашате нив, вели Јаневска.

Промена по промена во образованието, без некој заеднички усогласен правец (Фото: Б. Богдановска)

Таа образложи и зошто годинава за цела генерација не е печатен нов учебник по историја, причината е што во рок од 12 до 14 дена ќе биде објавен Конкурсот за новите наставни Програми за осмо одделение. Тоа значи наредната генерација ќе има комплетно нова наставна Програма и комплетно нови учебници, вклучувајќи и нов учебник по историја.

 -Сметам дека непотребно трошење на буџетски пари е да правевме по старата Програма учебник за осмо одделение, кога ние за две недели ќе имаме нова Програма и нов учебник за осмо одделение. Дополнително, тој учебник, кој наведно се дели по училиштата не е одобрен учебник – вели Јаневска.

Што се однесува за поплаките од страна на родителите и учениците за учебниците во кои недостасуваат страни, Јаневски со одговор дека учебниците согласно Закон се обновуваат на секои пет години. Досега не било пракса, но како што рече таа сега ќе се спроведува законот. Забележа дека учениците мора да ги чуваат учебниците, да не се кинат страниците, кориците, а наставниците мора да ги научат дека треба да се чуваат учебниците.

-Секако учебник може да биде оштетен. Затоа сме предвиделе училишна Комисија, која ќе направи прием на учебник и ќе утврди, дали е тој оштетен. Доколку учебникот е оштетен, како поминуваат годините, така расте цената, која поради оштетувањето родителот треба да ја компензира за ем да ги научиме учениците дека треба да ја почитуваат книгата, ем да ја намалиме шетата, односно износот, кој државата го дава за учебници, рече Јаневска.

 Ваква комисија нема речиси ниту едно училиште, а пракса е учениците да ги стават учебниците во ќеса, да ги потпишат и да набројат што содржи кесата. Така неотворена се предава на учениците од пониското одделение, па учениците дури дома успеваат да видат какви учебници им се паднале. Жалбите до класните раководители дека учебникот по некој им е партал, ретко доведува до замена за понов, секако ако има на лагер во училиштето, или ако класната е снаодлива па од колешки побара некој позачуван учебник. 

Јаневска посочи дека секоја година се отвара електронски систем, во кој училиштата можат да пријават оштетени учебници, со доказ дека го имаат спроведено законот, односно со уплатници, со којашто наплатиле 10, 40 или 70% од вредноста на учебникот. А како поминуваат годините сумата за оштетениот на учебникот од првата до петата се намалува за родителите.

Прашана колку пари се потрошени годинава за учебници, министерката Јаневска со одговор дека вкупната сума и за нови и обнова на старите учебници е 11 милиони евра.

Вчера и опозициската СДСМ реагираше за недостиг на учебници, а ВМРО-ДПМНЕ остро врати дека лажеле.

„Иако Јаневска и ВМРО-ДПМНЕ ветуваа дека сите деца ќе имаат нови учебници, вистината е поразителна, Мицкоски и Јаневска излажаа.Недостасуваат многу учебници, учениците воопшто немаат учебници за голем број предмети, а и тие што ги има се искинати, распарталени или половични. Нема учебник по математика за 8 мо одделение, во голем дел на училиштата се поделени само дел, некои деца добија некои не, мора да ги делат. Историја учебик за 8 мо исто така нема, па на Вибер е споделен електронски учебникот за да си го принтаат родителите. Фалат учебници и по хемија и физика, нема учебници ниту по странски јазици, а состојбата во стручните училишта е уште полоша.

Ниту во средните училишта нема учебници, особено за прва година. Речиси по сите стручни предмети нема учебници, управно процесно, правно и државно уредување. Учебници има само од прво до трето одделение, а за останатите ученици е тотален хаос. За четврто и петто одделние речиси и да нема учебници, соопштија од СДСМ.

„Наместо небулозни тврдења и празни критики за реализираното, да ги потсетиме СДС дека 4 нивни министри не успеаја да обезбедат нови учебници ниту да го подобрат електронскиот дневник.

Денес за разлика од минатото и владеењето на СДС, учебници има за сите ученици. Испечатени се претходно одобрените учебници по сите предмети, новите за седмо одделение и за прва година во гимназиите, но и новите по странските јазици по кои недостасуваа седум години“, одговорија вчера од ВМРО-ДПМНЕ.