Outdoor Festival „Малешевска корија“: Љубителите на природата во спортска авантура во Берово


Викендов во Берово и неговата околина ќе се одржи  првиот Outdoor Festival – „Малешевска корија  – спорт авантура 2018“, кој нуди комплетно уживање за љубителите на природата:  две планинско велосипедски тури, планинарска тура, прошетка со водич низ културно-историските знаменитости на Берово и забавен дел со рок бенд.

Фестивалот го организира спортско планинскиот клуб „Малешевска корија“.  Настанот е наменет за сите спортисти, рекреативци, фамилијарни посетители и за сите други кои сакаат подобро да го запознаат Берово.

Фестивалот почнува во сабота во десет часот, со поставување на кампот во дворот на старата гимназија „Ацо Русковски“. Следува организирана прошетка со водич низ Берово, со посета на локалните знаменитости, музејот на градот, женскиот манастир „Св. Архангел Михаил“ и машкиот манастир „Света Богородица“. Предвидени се натпревари во фудбал и во кошарка, грилување и музичка програма за вечерта.

В недела се големата тура, помалата тура и планинарската тура. Првата е долга околу 55 км и совладување на висинска разлика од 1429 м, така што оваа тура  е препорачлива за добро подготвените велосипедисти. Втората е со должина околу 45 км и совладување од 1077м висинска разлика и оваа тура спаѓа во „средно тешки“ патеки. Нивните старт и цел се во градот Берово. Се тргнува од базниот камп и преку плоштадот на Берово, преку Брегалница и викенд населбата Абланица, се излегува на асвалтниот пат Пехчево-Равна Река и се продолжува длабоко во шумата. Големата тура продолжува во правец спрема караулата Ченгино Кале и во месноста „Бачило“ се спојува со малата тура. Повторно соединета патеката за двете тури продолжува према местото викано „Бреза“ по што следува адреналинот, спустот од 7 км, на места и до -27 отсто делевација.

Завршницата на турата е во камп зоната каде учесниците ќе бидар послужени со топол оброк.

Планинарската тура е во должина од 14км и совладување висинска разлика од 200метри, по планинарски патеки кон Беровско езеро. Искачувањето во насока кон езерото ќе биде по сртот на планината со широки отворени видици до Пирин Планина.