Отворените листи поважни од бројот на изборни единици


Ќе се загуби ли повторно на политичкиот хоризонт силниот глас што доаѓа од партиските џинови за квалитативна промена на изборниот модел? Експертите не се убедени дека големите партии се подготвени да создадат услови за еднакви изборни шанси за сите, односно да ја изгубат својата монополска улога. Во изминативе години, јасно е дека изборниот систем им овозможуваше на најголемите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА да доминираат во парламентот.

Премиерот Заев, паралелно со лошите вести од Советот на министри во Луксембург, рече дека тој и неговата партија се за нов концепт за избор на пратеници со кој ќе се зголемат демократските аспекти на изборното право на граѓаните. Моделот што го заговара владејачката партија е или една изборна единица, или повеќе изборни единици со отворени листи. Опцијата една изборна единица со отворени листи, што беше предизборно ветување на СДСМ и коалицијата сега, според него, би значела фаворизирање на претставниците од големите градови, на сметка на оние што доаѓаат од помалите места.

Поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, смета дека во земјава, која има искуство со сите изборни системи – и со мнозински и со пропорционален и со комбиниран систем, но ниту еден од нив не ја наруши биполарната слика во парламентот – конечно треба да се воведат отворените листи. Воведувањето на овој пропорционален модел со отворени листи, според него, би значело поголема демократизација и би се обесхрабриле политичките елити да поставуваат на чело на листите личности што се со низок кредибилитет. Со тоа, велат, ќе се ограничи моќта на елитите.

„Секоја опција во однос на квантитетот на изборните единици соодветствува со опцијата отворени листи. Изборната кампања трае доволно долго за секој граѓанин да се информира за кои лица станува збор. Она што е лесно да се претпостави е дека повеќето од луѓето и од помалите градови ќе гласаат нивен претставник во парламентот да биде некој нивен сограѓанин. Во секој случај отворени листи треба да се воведат, а за бројот на изборните единици треба сериозно да се разговара. Менувањето на Изборниот законик е комплексна работа. Тоа прашање треба да се отвори минимум една година пред изборите, а да се затвори шест месеци пред изјаснувањето на граѓаните“, вели Новаковски.

Тој, сепак, не верува дека големите партии се искрени во намерата да се направи квалитативен исчекор во изборниот систем.

„Потребно ни е гласање за човек кој со своето минато и својот капацитет дава гаранција за квалитетно и успешно застапување во Собранието. Но многу политичари од потесното раководство на партиите се плашат од личниот рејтинг, за кој се свесни дека е низок, па огромен напор вложуваат во насока да бидат заштитени и фаворизирани од партијата, односно да бидат ставени што повисоко на изборните листи во актуелниот пропорционален модел со затворени листи. Би сакал на крајот да се излажам, но не верувам. При отворени листи, тој што е под број еден на крајот може да биде последен. Пред 10 години на оваа тема во Скопје зборуваше премиерката на Канада. Партиите рекоа да, ни требаат промени. За жал, оттогаш па до денес ништо не се случи“, вели Новаковски.

Помалите партии се залагаат за една изборна единица, но и отворени листи. Но, за да нема залудно фрлени гласови и заради поголем политички диверзитет, во Собранието има барања и за намалување или поништување на изборниот праг. Добар пример за пропаднати гласови, како што деновиве беше наведено, се парламентарните избори од 2011 година, кога помалите партии што не влегуваат во парламентот освојуваат над 100 илјади гласа. На тие избори, ВМРО-Народна партија освојува над 28 илјади гласа, а не освојува пратеничко место, додека Националната демократска преродба со 1.500 гласови повеќе добива двајца пратеници поради тоа што нивните гласови се сконцентрирани само во една изборна единица, додека гласовите на ВМРО-Народна партија се во цела Македонија, но во ниедна изборна единица не се доволни за пратеник. Доколку се оди на една изборна единица и се воведе изборен праг помалите партии повторно ќе имаат мака да влезат во парламентот со оглед дека според одредени проценки ќе им требаат околу 30.000 гласа.

„Според мене, прагот мора да постои, без оглед што тој повторно ќе претставува пречка за зголемување на учеството на помалите партии во Собранието. И тој не треба да е низок, туку да изнесува околу пет проценти, како што е на пример во Хрватска. Во спротивно, може во парламентот да влезат многу партии, а меѓу нив, да речеме, да има и претставници на екстремно десничарски партии, кои во некои европски земји почнаа и да се забрануваат. Евентуално така спроведени избори може да донесат резултати кои би произвеле политичка криза“, смета Новаковски, кој беше шеф на мисијата на ОБСЕ за изборите во Бундестагот во 2009 година.

„Пракса во западните земји, каде што исто така стожерот на политичкиот систем се големите политички субјекти, е помалите партии најпрвин да ја измерат својата популарност меѓу граѓаните на локалните избори, па потоа да тендираат за пробив на централно ниво“, објаснува Новаковски.

Поради предностите на пропорционалниот изборен систем, тој е застапен во 20 од 28 земји членки на ЕУ. Седумнаесет од овие држави го користат пропорционалниот модел и имаат воведено отворени листи, односно само Италија, Португалија и Шпанија имаат затворени листи.

Турција со највисок праг за влез во парламент

 

Во Македонија формално нема праг, но според Донтовиот модел, односно количникот меѓу бројот на гласачи што излегле на гласање и бројот на пратеници во изборната единица, тој праг се движи меѓу 4 и 5 отсто. Најнизок праг има во Холандија 0,67 отсто, во Грција е три отсто, во Бугарија четири отсто, во Хрватска пет отсто, колку и во Германија, а највисок е прагот во Турција, 10 отсто.(Н.К.)