Отворање на самостојната изложба „Огледало на срцето одек на чувствата“ на Чепишева во галеријата „Остен“


Самостојната изложба „Огледало на срцето одек на чувствата“, замислена како мултимедијален проект на наградуваната уметница Марија Чепишева, ќе биде отворена во четврток (9 јули) во 20 часот, во галеријата „Остен“ во ценатарот на Скопје, а ќе може да ја посетите секој ден до крајот на јули.

Визуелно, звучно, сетилно и емотивно патување низ различните форми на храброст-емоција-чувство. Tвојата, нејзината, неговата, нивната сила не е само во физичката издржливост, туку таа е во љубовта, болката, истрајноста, визијата, трансформацијата, мечтите, соновите… падовите, но и издигнување од и над нив.

Преку комбинација на звук, боја, текстура, со мешавина на традиционални и современи техники, со оваа изложба Марија Чепишева се обидува да претстви дела со кои секој од нас/вас би си го пронашол свој сопствен простор за интроспекција, само-сознавање-само-откривање, будење на скриени чувства, восхит, љубов, инспирација, порака, поттик, верба…, вели критиката за ова нејзино дело.

Марија Чепишева (род. Лазаревска) е родена во 1975 г. во Скопје.
Во 1999 г. дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика во класата на проф. Димитар Малиданов, а графички дизајн кај проф. Костадин Танчев – Динка. Во 2021 г. завршила педагошка доквалификација на Педагошкиот факултет во Скопје, а во 2023 г. се стекнала со звањето магистер по ликовни науки – графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, под менторство на проф. д-р Трајче Блажевски и академик проф. д-р Фехим Хусковиќ.
Член е на ДЛУМ од 1999 г. Добитник е на Големата графичка награда на ДЛУМ (1999), Откупната награда на НУБ „Св. Климент Охридски“ (1999), наградата „Остенов уметник на годината“ (2024) и наградата на Културно-информативниот центар – Скопје за ликовно творештво во мал формат (2025).