Откритие кое ќе напише нова историја: Стигнавме до места каде што човечка нога никогаш не стапнала


Во Египет се подготвува сензационално археолошко откритие, кое, според експертите, ќе биде тема на разговор во целиот свет.

Познатиот египтолог Захи Хавас тврди дека новото археолошко откритие во Големата пирамида во Гиза ќе „испише нова историја за фараоните“ и ќе биде објавено во 2026 година, објави Egyptindependent.

Зборувајќи на панел-дискусија на Меѓународниот саем на книгата во Шарџа во саботата, Хавас додаде: „Ова големо откритие е нов премин долг 30 метри, откриен со помош на напредна опрема, кој завршува со врата која ќе напише ново поглавје во историјата на фараоните“.

Употребата на најсовремени технологии, вклучувајќи напредни роботи, му овозможи на неговиот тим да стигне до областите во пирамидата кои претходно беа недостапни.

Со помош на термичко снимање, 3Д мапирање и таканаречена мионска радиографија, научниците открија скриен коридор долг 30 метри во внатрешноста на Кеопсовата пирамида (исто така позната како Пирамида на фараонот Куфу), кој досега беше целосно недостапен за човечкото око.

„Роботите стигнаа до места каде што никогаш не стапнала човечка нога“, објасни Хавас.

Хавас изјави дека конечно ќе исполни две од своите желби: првата е откривањето на гробницата на Имхотеп, архитектонскиот гениј кој ја изградил Скалестата пирамида на Џосер, најстарата египетска пирамида во историјата, а втората е откривањето на гробницата на Нефертити.

Имхотеп бил староегипетски инженер и лекар, кој се смета за еден од најпознатите архитекти на стар Египет.

Нему му се припишува изградбата на пирамидалниот комплекс на кралот Џосер за време на Третата династија на Старото Кралство.

Хавас забележа дека Имхотеп бил првиот што преминал од каллива тула на камена градба и првиот во историјата што користел столбови и покриви.

Откривањето на гробницата на Имхотеп би било најважното археолошко откритие во историјата, рече тој, можеби дури и поголемо од откривањето на гробницата на Тутанкамон, и тврдеше дека има докази за нејзиното постоење.

Богатството мора да се врати
Хавас зборуваше и за Големиот египетски музеј, нарекувајќи го „еден од најголемите музеи во светот, со оглед на неговата колекција: повеќе од 5.000 артефакти од богатствата на кралот Тутанкамон, изложени во целост за прв пат“.

Тој ја спомена и својата кампања за репатријација на египетски антиквитети од музеите ширум светот, нагласувајќи дека прашањето не е само национална грижа, туку „историско и културно право кое мора да се врати“.

Иако содржината на коридорот сè уште не е откриена, Хавас потврди дека наодот е автентично и од исклучително значење, но дека деталите ќе бидат објавени дури по целосна анализа и научно објавување. Ова треба да се случи до 2026 година, кога е планирано официјалното претставување на откритието како дел од посебна светска изложба.

Откритието е дело на илјадници мајстори
Хавас, поранешен министер за антиквитети и долгогодишен чувар на египетските тајни, ги отфрли бројните теории за учеството на натприродни суштества во изградбата на пирамидите.

„Немало вонземјани, немало чуда. Имало само египетски гениј, знаење и дело на илјадници мајстори“, истакна тој.

Според него, новото откритие е резултат на модерната наука и технологија, која, благодарение на скенирањето и прецизното мапирање, ги отвора страниците од историјата заклучени повеќе од четири илјади години.

На истиот настан, Хавас зборуваше и за својата долгогодишна мисија да ги врати изгубените културни богатства на Египет, вклучувајќи ја бистата на Нефертити, Каменот од Розета и Небесната сфера, кои сè уште се чуваат во европските музеи.

Египет неодамна го отвори Големиот египетски музеј во Гиза, каде што се изложени повеќе од 5.000 предмети од гробницата на фараонот Тутанкамон – проект кој веќе стана глобална атракција. Сепак, ново откритие во внатрешноста на пирамидата на Кеопс, планирано за 2026 година, би можело да ги засени сите претходни археолошки достигнувања.

Што точно се наоѓа на крајот од мистериозниот коридор?

Хавас засега молчи. Но, ако е во право, наскоро би можеле да бидеме сведоци на најголемото откритие во историјата на египтологијата, можеби дури и на такво што засекогаш ќе го промени нашето разбирање за фараоните, пирамидите и самата човечка цивилизација.