Остатоците од животот кој го нема: Невиден пустош во Газа

Дури и израелските високи офицери велат дека уништувањето е огромно. Но тие за тоа го обвинуваат Хамас. Од градот Кан Јунис не остана речиси ништо, освен урнатини


Само урнатини во Кан Јунис (Фото: Си-Ен-Ен)

 

КАН ЈУНИС, Газа – Расфрлани околу огромен кратер се остатоците од животот кој го нема. Случајни парчиња облека и црвена чанта за шминка лежат во калта. Во близина, учебник по англиски јазик, парчиња скршен мебел и перница со цветни везови се измешани во еден голем куп.

Кратерот се наоѓа точно среде станбена населба во централниот дел на Кан Јунис, опколениот град во јужна Газа, кој е сегашниот епицентар на војната меѓу Израел и Хамас.

Градот е роден град на водачот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, и, според израелските одбранбени сили (ИДФ), главно упориште на Хамас. Тоа е исто така област во која израелската војска повика голем број цивили да побегнат во раните денови од војната, кога северниот дел на Газа беше во фокусот на операциите на Израел.

Гледајќи наоколу, јасно е дека ИДФ влегла во Кан Јунис со полна сила.

Според ИДФ, кратерот е сѐ што останало од зграда слична на другите во областа. Војската соопшти дека е срамнета со земја бидејќи била на врвот на влезот во огромен комплекс подземни тунели.

ИДФ вели дека комплексот го користеле Синвар и други претставници на Хамас за да се сокријат од почетокот на војната, а некои од заложниците киднапирани од Израел од Хамас на 7 октомври биле држени таму. Не е јасно колку долго.

Си-Ен-Ен беше меѓу малата група новинари на кои израелската армија им додели воена придружба за да ги види тунелите. Како услов за влез во Газа под придружба на ИДФ, медиумите мора да достават фотографии и необработени видео снимки до израелската војска за преглед пред објавувањето. ИДФ не го разгледа овој писмен извештај, пишува Си-Ен-Ен.

Тоа што беа придружувани од ИДФ значеше дека новинарите можеа да го видат само она што им дозволуваше да го видат.

И покрај тоа, пустошот на кој посведочи Си-Ен-Ен во Газа беше надвор од замисленото.

Возењето од граничната ограда до срцето на Кан Јунис со воено возило нудеше ограничена гледна точка, но се чинеше дека немаше ниту една зграда што беше недопрена од војната.

Многу згради се целосно уништени, а урнатините тргнати со булдожери. Оние кои останаа да стојат изгледаат оштетени без никакви шанси за поправка. Некои изгледаат како урнатини од средновековни замоци – осамени ѕидови со дупки каде што порано имало прозорци.

Обемот на булдожирањето е очигледен кога се вози. Во некои области, патиштата се обложени со брегови од урнатини кои се толку високи што военото возило е целосно затворено, возејќи под „нивото на улицата“.

Тешка цена

На почетокот на војната, израелската војска го назначи Кан Јунис како побезбедна зона и им порача на жителите од северна Газа да побараат засолниште таму. Но, како што ИДФ притискаше на југ, градот стана негов следен фокус. ИДФ вели дека Кан Јунис е упориште на Хамас, додавајќи дека тунелската мрежа под цивилните згради во градот најверојатно била од каде Хамас ги планирал нападите на 7 октомври.

Хамас негираше дека се крие во болници и други цивилни структури и Си-Ен-Ен не може самостојно да потврди ниту едно од овие тврдења.

Локалните новинари рекоа за Си-Ен-Ен дека имало околу 100.000 раселени лица во засолништата и другите објекти во областа, управувани од Обединетите нации, пред израелската војскада издаде наредба за евакуација минатиот месец.

Многумина немаа каде да одат и останаа засолнети во медицинските центри и објектите на ОН во Кан Јунис, вклучувајќи го медицинскиот комплекс „Насер“, болницата Ал Амал и седиштето на Палестинската Црвена полумесечина. ОН соопштија дека илјадници сѐ уште се таму, а тие објекти, исто така, биле нападнати, според палестинските здравствени власти управувани од Хамас.

ИДФ постојано тврдеше дека се обидува да ја минимизира штетата на цивилите, но беше под притисок од Соединетите Држави и други да направат повеќе.

Бриг. Генерал Ден Голдфус е командант на 98-та дивизија на ИДФ, единицата што ја предводи офанзивата во Кан Јунис. Тој ја придружуваше малата група репортери, вклучително и Си-Ен-Ен, на обиколка на два тунели на Хамас во областа.

Стоејќи во масивниот кратер во Кан Јунис во неделата, Голдфус призна дека уништувањето е значајно. Но, тој го обвини Хамас.

Израелски војници во Кан Јунис

Голдфус рече дека тунелската мрежа била користена од раководството на Хамас за планирање на нападите во кои Хамас и Исламски џихад убија повеќе од 1.200 луѓе и киднапираа повеќе од 250 други во Газа. Некои од заложниците сѐ уште веројатно се држат во тунелите, рече тој.

„Ми поставуваа многу прашања за цената што ја плаќаат Газа, Кан Јунис, куќите… да, дефинитивно, има цена што е платена“, рече Голдфус.

„Но, погледнете наоколу. Ние сме во обична населба и на секое место има шахта. Има шахта во градинката, има шахта во училиштето, има шахта во џамиите, има шахта во супермаркетот, каде и да одите“, рече тој.

Си-Ен-Ен не може да ги потврди тврдењата на Голдфус затоа што Израел не им дозволува на новинарите самостојно да патуваат во Газа. Сепак, комплексот тунели што го посети Си-Ен-Ен во неделата беше под станбена зона.

Дури и овој ограничен поглед на Газа јасно покажува дека четиримесечните израелски воени операции целосно ја трансформираа енклавата.

Гледано одозгора, Газа порано беше зелена и сива: големи површини полиња наизменични со густо населени градови. Сега, сателитските снимки покажуваат земја која е претежно кафеава – бомбардирана и срамнета со булдожер.