Основачот на ЕУ, Роберт Шуман, на чекор да стане светец


Роберт Шуман, еден од татковците основачи на Европската унија и побожен иако дискретен католик, наскоро ќе го направи првиот чекор кон тоа да стане светец, изјави за АФП висок официјален претставник на Ватикан.

Папата Франциско би можел да ги препознае „херојските доблести“ на Французинот уште во јуни, според архиепископот Марчело Семераро, префект на Конгрегацијата за каузи на светците.

Ова признание дека тој водел свет живот е клучен чекор кон беатификација, иако тоа бара припишување на чудо.

Потребно е второ чудо потврдено од Ватикан пред тој да стане светец.

Шуман, демохристијанин, беше министер за надворешни работи на Франција кога во 1950 година, пет години по крајот на Втората светска војна, ги објави предлозите за економска унија меѓу поранешните непријатели Франција и Западна Германија.

Ова стана основа на денешната Европска унија.

Процесот на издигнување на Шуман кон светост започна пред повеќе од 30 години од епархијата на Мец каде што Шуман почина во 1963 година.

Ова можеби изненади некои, но отец Бернард Ардура, кој е одговорен за француските канонизации во Рим, ја бранеше неговата кандидатура.

„Шуман го посвети својот живот на служење на општото добро, барајќи мир и помирување со Германија за да создаде заедница на европски држави“, изјави Ардура за Франс прес.

„Работата на Шуман вклучуваше ставање крај на пеколниот циклус на војната, понижувачкиот пораз, желбата за одмазда и повеќе војна“, што започна кога Франција беше поразена од Прусите во 1870 година.

„Тоа беше дело на христијанин, кое служи како пример“, дури иако Шуман „остана многу дискретен во врска со неговиот личен живот и својата вера“, додаде Ардура.

Папите ја поддржуваа идејата за европски проект уште од Пие XII – понтиф за време на Втората светска војна – притоа критикувајќи го нејзиниот секуларизам.

Во својата прва општа аудиенција на плоштадот Свети Петар во 2005 година, германскиот папа Бенедикт Шеснаесетти ги истакна христијанските корени на Европа.

Една годината пред тоа, Ватикан жалеше за отсуството на експлицитно повикување на христијанската историја на ЕУ во нацрт-европскиот устав, кој беше отфрлен по одбивањето на референдумот во Франција и Холандија.

Аргентинскиот папа Франциско, првиот латиноамерикански понтиф во историјата и син на италијански имигранти, претпочита да го потенцира мултикултурниот идентитет на Европа и се залага за правата на мигрантите.