Османи против предлогот на Димитров решението со Бугарија да оди на проверка во Собранието

Османи е цврсто убеден дека времето не работи за нас, но со ограда дека тоа не значи дека се спротивставува на оценките на шефот на државата


Фото: Б. Грданоски

 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, излезе денес со спротивен став од тој на претседателот Стево Пендаровски за спорот со Бугарија во ЕУ. Османи е цврсто убеден дека времето не работи за нас, но со ограда дека тоа не значи дека се спротивставува на оценките на шефот на државата. Главната опасност, според него, е спорот со Бугарија да стане замрзнат конфликт ако не е високо на неговата агенда, во медиумите, во земјата и во ЕУ и ако нема постојан притисок и тензија околу ова прашање. 

„Што ми преостанува друго освен да бидат оптимист, која е алтернативата? Каква порака ќе пратам во спротивност во Софија и во Брисел?  Тоа не ни оди во прилог. Притискањето да се реши прашањето и создавањето на тензија околу него секако троши многу енергија и кредибилитет на Владата, но нема друга алтернатива. Ќе продолжам така, за да нема ден да не биде без притисок од нас“, порача Османи на средба со новинарите, на која правеше пресек на работата изминатата година. 

Според него, ни забрзувањето ни забавувањето на процесот  нема да влијае на нашите позиции околу спорот, кои се утврдени со консензус во Собранието и од нив нема да се остапува. 

Тој, сепак, посочи на три успеси околу ова прашање иако, како што рече, за жал, ветото сѐ уште опстојува. 

„Овозможивме  да се смени наративот во Бугарија, успеавме да ги задржиме сите 26 земји членки на наша страна и не дозволивме во нас да се впери прстот за незапочнувањето на преговорите со ЕУ, со исполнување на реформите што се бараа и со невлегување во директна негативна реторика  во однос на Бугарија, иако таму имаше избори“, рече Османи.

Тој очекува по формирањето на нашата влада да се воспостави одново комуникацијата со бугарската, иако предлозите од пакетот „5 плус 1“ веќе ги испратиле со нота до новата владејачка гарнитура во Софија и чекаат одговор на нив.

Тој не сакаше да коментира дали новиот премиер Кирил Петков ретерира или не во однос на досегашните позиции на официјална Софија, бидејќи не може да ја темели оценката само на изјавите што доаѓаат, но гледа промена во пристапот, иако не беше сигурен дали зад тоа стои чесна намера или само се прилагодуваат на фактот дека тоа што го бараа досега – никој не го разбираше во ЕУ.

За да ги опише напорите од македонска страна да се реши спорот тој објави дека се одржале две преговарачки средби во Берлин и во Брисел со меѓународно присуство, но тоа не било така пласирано во јавноста. Покрај тоа имало три средби на дипломати во Скопје и во Софија и биле разменети многу ноти и нонпејпери.

„Кога требаше конечно да се направи исчекор, Бугарија немаше влада. Реално не се случило досега една земја да имала трипати избори за една година а да не формира владин кабинет, но поради тој факт ние немавме разговори со политичка влада од тие со Бојко Борисов“, рече Османи. 

За да покаже од каде тргнаа и до каде стигнаа преговорите тој објави детали од преговорите со екс-министерката Екатерина Захариева, која барала да прифатиме два члена со кои ќе декларираме дека нашиот македонски јазик потекнува од бугарскиот, а македонската нација дека била создадена во текот на бугарското ослободување од Отоманското царство. Откако потврди дека во преговорите нашата влада опстојува на принципот на мултиперспективност во толкување на историските случувања, тој  порача дека како земја не можеме да бидеме губитници од менувањето на фокусот на Софија, која сега инсистира на човекови права на Бугарите во Македонија. 

„Тоа треба и да биде наша цел, да се отргнеме од можноста да ни се наметнува историска вистина. Прашањето за човековите права е наша најголема сила во светот по Рамковниот договор. Затоа, остануваме за ставот дека ќе го вклучиме бугарското малцинство во Уставот  до пред членството во ЕУ, односно до завршувањето на преговорите, рече Османи. 

Тој имаше различен став и за изјавата на вицепремиерот Никола Димитров дека краен збор за преговорите со Бугарија треба да дадат пратениците во Собранието, порачувајќи дека, колку и да е добра намерата,  може да направиме штета ако остави впечаток  дека одиме кон нов договор со Бугарија, бидејќи овој што го имаме сега не ги задоволува актуелните апетити на Софија. 

„Собранието ги утврди позициите со консензус и ние се водиме од нив. Бугарска позиција е тоа што ќе договориме да помине во парламентот, но ние имаме изгласано веќе таков договор, не сакаме да гласаме друг, бидејќи ќе пратиме порака дека сегашниот не функционира. За нас преговорите се имплементација на веќе утврдена рамка и ако одиме со нов договор во Собранието, тоа ќе значи дека ќе ја менуваме рамката“, оцени Османи. 

Тој наедно потврди дека, покрај патоказот за кој се преговара официјално, сѐ уште е во игра португалскиот предлог за преговарачката рамка со ЕУ и дека, иако Бугарија официјално уште не ја прифатила, но не ја ни отфрлила. Тој се надеваше дека Албанија ќе опстане во поддршката да не се раздвојуваат двете земји на патот кон ЕУ, бидејќи во спротивно ќе се создаде перцепција дека регионот се движи напред, а само ние имаме проблем.