Османи објаснува: Резолуцијата за Сребреница не е против Србија ниту Србите


Од дискусијата за коспонзорството на Македонија на резолуцијата во ОН за Сребреница

 

По вчерашните реакции на објавата на Бујар Османи дека Македонија е коспонзор на резолуцијата во ОН за маскрот во Сребреница во 1995, министерот за надворешни работи денеска изјави дека тоа не е против Србија, ниту против српскиот народ туку дека е „човечка должност да се осуди геноцид“.

Османи учествуваше на расправата за коспонзорството на резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница и објасни зошто е преземен овој чекор од Македонија.

„Осуда на геноцид е универзална човекова должност и тоа не е поврзана со било која припадност. Во 2010 нашето Собрание има донесено одлука по однос на Сребреница, прифаќајќи ја резолуцијата од Европскиот парламент. Значи како држава никогаш не сме имале дилема по однос на тоа што се случило во Сребреница, кога во еден ден се убиени 8.372 цивили и тоа не може да се нарече поинаку. Најголемите критики во текот на вчерашниот ден беа: обид на министерот за надворешни работи да нѐ скара со пријателска Србија. Напротив, оваа не е поврзано со Србија, не е поврзано со српскиот народ, бидејќи осудувањето на геноцидот ги надминува било каквите дипломатски врски и односи помеѓу двете држави и нсроди. Човечка должност ни е да осудиме, да ги промовираме фактите, со цел тоа никогаш да не се случи“, истакна Османи.

„Војните во Балканот завршија и на земјите од регионот им треба помирување“, рече Османи апелирајќи им на Србија и Босна и Херцеговина да го следат примерот на Германија и Франција по Втората светска војна.

На дискусија, со видео-обраќање учествуваше и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, кој упати благодарност до Македонија за конспонзорирањето на резолуцијата, убеден дека прогласувањето на 11 јули за меморијален ден значително ќе придонесе за мирот и безбедноста на регионот и ќе ја зајакне вербата во институциите на Обединетите нации.

Во дискусијата учествуваа и претседателот на Бошначкиот национален совет, Џевад Хот, граѓанската активистка, Мерсиха Смајловиќ и адвокатката, Едина Зекировиќ-Фазлагиќ, кои му се заблагодарија на Османи за донесената одлука за коспонзорирање на резолуцијата.