Касами: Нашата програма ќе биде дел од владината и во неа се уставните измени


Фото: Б. Грданоски

Имаме програма која ќе биде дел од идната владина програма и во неа се  уставните измени, рече лидерот на Беса, Биљал Касами, по изјавата на Христијан Мицкоски дека засега немаат добиено услови за заедничко коалицирање во идната влада. Тој потенцира дека основен услов се спроведување на уставните измени.

– Ние сега не разбираме што тоа значи. Ако некои други, во овој случај ДУИ, праќаат емисари до Мицкоски за да безусловно влезат во идната влада, како што влегоа и во досегашните влади, за нас тоа е непоимливо. Во делот на таа програма има и уставни измени, интегрирање во ЕУ и сè што е во делот на подобрување на животот на нашите граѓани и унапредување на државата во процесот на евроинтегрирањето, рече Касами.

Арбен Таравари од Алијанса за Албанците се осврна на притисоците кои биле спроведувани врз граѓаните во првиот круг на гласање за претседател и оние кои ги правеле, бидејќи како што нагласи, ќе се бара нивна одговорност.

– Има огромни притисоци од претставници на јавни институции, посебно од полиција. Во селото Чегране се и снимени. Има и луѓе во Исламската верска заедница во Гостивар кои се организирани како штаб којшто работи за ДУИ, што е претерано, рече Таравари. Тој им посочи да бидат внимателни, бидејќи како што рече, после 8 мај ќе треба да се одговара.

Касами, заедно со колегата градоначалник и кандидат за претседател во првиот круг Арбен Таравари беа на настан на партиските подмладоци на гостиварскиот плоштад.