Пендаровски: Оставете ги партиските и етнички поделби, мислете на иднината


„Оставете ги партиските поделби, оставете ги етничките поделби, размислувајте како родител, размислувајте како поединец, размислувајте како приватник, размислувајте како човек. Дали би му дале верба на некого кој вели дека сите договори кои ни донесоа мир и не вратија во заедницата на цивилизирани нации и држави треба да ги смениме, да им направиме ревизија и да донесеме нешто што никој жив не знае што може да биде и со какви ефекти ќе биде“, им порача на тетовчани вечерва претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Во оваа насока тој посочи дека наместо државата да се враќа во мрачното минато, во периодот од 2006-та до 2017-та година, треба да се фокусираме на економијата, бидејќи од тоа зависи дали децата ќе ни останат покрај нас или ќе бараат подобра иднина надвор од татковината.  

„Невозможно е најголемиот дел од македонските граѓани да не ја препознае рационалноста на ова што го зборувам. Ме прашувате за било кој договор, јас имам одговор – тој договор е добар, овој договор е добар, ова е добро, ова е лошо. Тие немаат одговор. Три пати ги прашуваш, вели ќе направам тим од експерти, па со помош на странски експерти, па Совет на Европа, Венецијанска комисија и по некое време, после неколку месеци…Кога бирате претседател, премиер, министер – тој мора од првиот ден да делува и да носи одлуки, а не допрва да собира експерти. Ти ако не знаеш сега што треба да направиш во однос на Рамковниот договор, Преспанскиот договор, Европската преговарачка рамка, ако допрва бараш помош од стручни експерти од странство и од дома, немој да се пријавуваш за претседател“, додаде Пендаровски.

Повикувајќи ги граѓаните на Тетово на 8 мај да го заокружат бројот 1, Пендаровски потенцираше дека на денот на гласањето треба да ги имаат предвид интересите на нивните деца и внуци, нивните лични и интересите на семејството.  „Во овие пет години се трудев да бидам коректив на извршната власт и секој претседател на државата треба така да постапува“, порача денеска од Желино, кандидатот за претседател Стево Пендаровски.

„Пред вас има два концепта кои никако не се приближуваат. Јас и мојата опција сме за ваква Македонија каква што ја имаме со разбирање, со меѓусебна почит, без меѓуетнички конфликти, другата опција е ризик за поделби и тензии, опција со која сигурно нема да просперираме“, порача Пендаровски.

Пендаровски изрази уверување дека најголем дел од гласовите кои завршија кај кандидатите кои испаднаа во првиот круг во вториот круг ќе завршат кај него затоа што граѓаните препознаваат кој работи во нивен интерес.Пред граѓаните Пендаровски побара поддршка во вориот круг, за да продолжи државата по вистинскиот пат, по патот на заедништвото, слогата и прогресот кон Европската Унија.