Африм Гаши објави дека веќе се договориле со Мицкоски за „важни ресори“ во МВР


Африм Гаши (Фото: Б. Грданоски)

 

Уште неодржани избори претпоставените побединици и губитници на гласањето на 8 мај, наводно, вече ги делат ресорите. Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, денеска го продолжи вчерашниот наратив на Христијан Мицкоски дека идната влада била веќе договорена. Гаши рфече дека веќе биле договорени некои институции во МВР што ќе ги води албанската опозиција од „Вреди“.

„Како единствени натпреварувачи во албанскиот политички кампус и, се разбира, победници на овој блок, ние сме и единствени и легитимни претставници на Албанците на овие избори. Следствено, ова нè обврзува да ги претставуваме Албанците и во идната влада, каде што, меѓу другото, ќе раководиме со важни институции од секторот за внатрешни работи, кои се одговорни за санкционирање на криминалот и корупцијата“, изјави Гаши.

Тој порача дека коалицијата „Вреди“ е доследна на ставот за усвојување на уставните измени и тоа во конкретен рок, како и дека претседателот на државата треба да се избира во Собранието. Коалицијата „Вреди“, како што оцени Гаши, е гаранција дека уставните измени ќе бидат усвоени од идната влада.

„Останете спокојни дека е само пропаганда тоа дека некој ќе ги блокира уставните измени и евроинтеграцискиот пат. Албанската коалиција ‘Вреди’ е гаранција во идната влада дека уставните измени ќе се усвојат и за ова ќе имаме посебна рамка за мерките и роковите за спроведување на оваа обврска. Нашето инсистирање е тие да се усвојат што е можно побрзо и преговорите за пристапување во ЕУ да започнат што поскоро“, изјави Гаши.

На прашање дали има рок за уставни измени, Гаши оцени дека процесот на уставни измени е комплициран процес и дека треба да се отвори дијалог и да се оствари контакт со пријателите од меѓународната заедница, а „исто така и со бугарската страна“.